1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Папата замина задоволен од Светскиот собир на католичката младина во Келн

22 август 2005

Преку еден милион аџии на завршната миса под отворено небо со овации го ипсратија Бенедикт 16-ти

https://p.dw.com/p/AcD9
Папата на завршната миса во Мариенфелд крај Келн
Папата на завршната миса во Мариенфелд крај КелнФотографија: AP

Келн и околните градови утринава осамнаа се‘ уште во знакот на Светскиот собир на католичката младина. На стаклениот облакодер на германската Пошта, овде веднаш покрај зградата на Дојче Веле, на пример, утринава со светлата во канцелариите беше исцртан огромен, импозантен крст. Доаѓањето на првиот Папа Германец по 500 години остави недвосмислено видливи траги во свеста на неговите сограѓани. Колку се длабоки и трајни, тоа ќе го покаже времето.

„Драги пријатели, нашата убава прослава се ближи кон крајот, а исто така и 20-тиот Светски собир на младите. Во моето срце одекнува јасно благодарам.„

Со овие зборови Папата ја заврши мисата пред повеќе од еден милион аџии од целиот свет, собрани на Мариенфелд во близината на Келн. Папата на завршната миса им порача на младите по враќањето дома да им ги пренесат верскиот занос што го стекнале деновиве, како и општо христијанската вера на сите луѓе. Тој ги опомена исто така редовно да одат на неделна миса и го критизираше пазарниот менталитет во црковните работи.

Говорејќи пред голем број угледни гости на почесната трибина, меѓу кои беа и Претседателот на Германија, Хорст Келер и канцеларот Герхард Шредер, Бенедикт 16-ти оцени дека Собирот на католичката младина во Келн испратил позитивна слика за Германија во целиот свет.

„Сите знаеме за злото што од нашата татковина произлезе во 20-тиот век и ние го признаваме тоа со срам и со тага. Но, во овие денови, благодарјеќи му на Бога, стана исто така видливо дека имало и има и друга Германија – една земја со посебни човечки, културни и духовни вредности!„

На крајот од тричасовната миса на која присуствуваа и 800 кардинали и бискупи, како и 10.000 свештеници на Католичката црква од целиот свет, Папата најави дека следниот Светски собир на Католичката младина ќе се одржи во Сиднеј во 2008-та година.

Првиот ваков собир го свика Папата Јован Павле Втори во 1986-та година во Рим. Во времето непосредно пред паѓањето на „железната завеса„ што ја делеше Европа на два спротиставени политички блока, Папата го разбуди еланот на младите, повикувајќи ги да се борат за повеќе правда и слобода во светот.

Поранешниот Претседател на Полска, генерал Војчех Јарузелски, за прв пат се извини за крвавото задушување на Прашката пролет во 1968. година. Јарузелски, кој во тоа време беше Министер за одбрана на Полска, за чешката државна ТВ изјави оти тогашната окупација на соседна Чехословачка од страна на советските и и трупите на другите земји од Источниот блок, била многу болен настан. Денес знам дека таквата одлука беше погрешна и срамна, порача Јарузелски по повод 37-годишнината од Прашката пролет.