1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Папата побара крај на крвопролевањето во Сирија

СН/ЕМФ/дпа/ртр/афп/миа/мф8 април 2012

Поглаварот на Римокатоличката црква во својата велигденска порака го повика сирискиот режим да запре со насилството во земјата и наместо тоа да се посвети на дијалог.

https://p.dw.com/p/14ZYN
Фотографија: dapd

Папата Бенедикт Шеснаесетти денеска (08.04) во Рим пред околу сто илјади верници ја испрати велигденската порака и традиционалниот благослов „Урби ет орби“.

Со оглед на крвопролевањето во Сирија, Папата апелираше итно да завладее мир, стабилност и религиозна слобода во светот.

„Најголемиот христијански празник минува во знак на војни, дискриминација, прогонства и разорувања“, нагласи папата Бенедикт 16. во велигденското обраќање од плоштадот Свети Петар .

„Воскресениот Христос нека дари надеж на Блискиот исток за сите етнички, културни и верски групации во тој дел на светот да соработуваат за општо добро и со почитување на човековите права, рече Папата и повика да престане крвопролевањето во Сирија и без одолговлекување да се дојде на патот на дијалогот, почитувањето и помирувањето, како што сака и меѓународната заедница. Во Велигденската порака поглаварот на Римокатоличката црква побара од луѓето да покажат солидарност со неброените бегалци од Сирија.

„Да има мир и стабилност“ во Мали, побара папата и ги осуди „крвавите терористички напади“ во Нигерија, кои се главно насочени кон христијанските цркви.

Тој уште побара од Израелците и Палестинците да ги обноват мировните преговори во Светата земја.

На 65 светски јазици, папата Бенедикт 16. на верниците им го честиташе Велигден. Од плоштадот Свети Петар во Рим, тој им се обрати на илјадниците луѓе ширум светот на кои им удели и апостолски благослов.

Папата Бенедикт Шеснаесетти во текот на ноќта одржа бдеење воочи Велигден, за време на кое изрази стравување дека човештвото талка по мрак, неспособно да разликува добро од зло.

„Љубовта е посилна од смртта. Доброто е посилно од злото. Љубовта е посилна од омразата. Вистината е посилна од лагата“, им порача синоќа Папата на верниците собрани во базиликата Свети Петар.