1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Парадата зависи од „милоста“ на државата

Мирјана Кине – Вељковиќ / Александар Методијев4 октомври 2012

„Државата применува механизам на исклучување на одредени групи, на пример ЛГТБ групата, па потоа им дава милост – вие сте втори и треба да почекате милост, а кога ќе ви ја доделиме не е исклучено да биде со насилство“.

https://p.dw.com/p/16Jho
Фотографија: picture-alliance/dpa

Од безбедносни причини забранети се сите собири во Белград закажани за 6-ти октомври. Тоа е капитулација на државата, порачуваат организаторите на Парадата на гордоста. По тој повод разговараме со Свенка Савиќ, професорка на Универзитетот во Нови Сад.

ДВ: Зарем овде не станува збор за едно од основните права во демократска држава – право на собирање?

Свенка Савиќ: „Се работи за многу права. Прво, правото на ненасилен живот, што на секој граѓанин и граѓанка е загарантирано. Од друга страна, всушност се работи за еден континуитет на одржување механизам на исклучување. Државата применува механизам на исклучување на одредени групи, во овој случај на ЛГБТ групата, па потоа им дава милост. Тоа би бил механизам на милост. Можеби ќе им даде некој мал надоместок, без оглед дали тоа ќе биде само за активност во затворен простор, бидејќи парадата така и е замислена, или да има разни активности и во затворен простор и прошетка ит.н. Значи, впрочем и Ивица Дачиќ, па и сите останати, тактизираат со патријархалниот модел кој гласи: вие сте втори и вие треба да почекате на нашата милост, ние тоа да ви го доделиме. А, кога ќе ви го доделиме, не е исклучено дека ќе биде со насилство“.

Svenka Savic
Свенка Савиќ: хомофибичноста во Србија се негува од различни извориФотографија: Svenka Savic

ДВ: Од каде толкава хомофобија во српското општество? Во што таа е специфична во однос на другите земји?

Свенка Савиќ: „Прво и прво, хомофобичноста овде е негувана од различни извори. Еден од нив секако е образовниот систем, но и црквата, а јас дури би рекла факторот црква. Мислам дека со тоа се согласуваат сите конфесии во Србија. Кога велам конфесии мислам на христијанските цркви, но мислам дека ниту исламската вера не би изостанала, макар што немам податоци за изјави на нивниот водич. Различни се изворите кои го подгреваат тоа нешто кое медиумите веднаш го пласираат. Освен тоа, сметам дека постои едно огромно непознавање за тоа на кој начин да се набљудува ЛГБТ групата и како аргументирано да се оправдаат нивните права од позиција на човекови права, што е само една компонента, и од позиција на граѓански права. Значи, има многу различни извори. Не постои само еден извор на хомофобија“.

ДЊ: Дали барањата на ЕУ да се почитуваат правата на малцинствата можат позитивно да влијаат? Дали тој притисок е добар или, пак, тој може да биде контрапродуктивен? Познат е тој „српски инает“, па да не излезе уште полошо, во стилот – кој нам ќе ни поставува ултиматуми?

Свенка Савиќ: „Тука навистина треба да се одбере нијансата која ќе натежне на добрата страна. Прво, јас не би рекла дека тоа е притисок, туку би можела да кажам дека тоа е добро искуство од ЕУ, кое да речеме се пренесува... Во таква една реченица, во облик на совет, сугестија, добро искуство – тоа звучи поинаку. Од друга страна, како што кажавте сега, и нашиот печат постојано зборува за притисок. Е, ако е притисок – не е добар. Тоа значи дека никогаш не се случило, барем јас не знам, а можеби и не сум во право, да имаме тркалезна маса на која биле тие од европскиот контекст, ние од овде, така да кажам од женското движење, движењето за мир во светот, антифашистичкото и така натаму, и оние кои би застапувале поинакво мислење. Но, во навистина пријатен дијалог, а не да се плукаме, не да се напаѓаме ит.н.“

Тивка елита

Свенка Савиќ: „Сакав исто така да ве потсетам дека и медиумите, кога велам медиумите мислам на конкретни новинари и новинарки, но и на некои политичари, сосема заборавија оти огромен труд е направен од страна на различни невладини организации, пред се’ оние кои се занимаваат со мировни движења, а потоа со женските човекови права и ЛГБТ групите, чиј број не е мал. Огромен е бројот на публикации кои се објавени, многу семинари кои ги образуваа нашите различни групации. Во овие 10-15 години е образувана една елита која разбира во што е тука проблематиката, но таа елита е релативно тивка“.

Symbolbild Lesbisches Paar
Интелектуалците молчат за правата на ЛГБТ популацијатаФотографија: picture-alliance/dpa

ДВ: Сепак дојде до поместување, сепак нешто се промени...

Свенка Савиќ: „Се промени квалитативно, но не се промени во смисла на преземање одговорност на интелектуалците за целосно подобрување во општеството. Еве, неодамна зборуваше и еден претставник на партија, кој кажа: ја поддржувам ЛГБТ групата, но нема да дојдам на прошетка. Видете, тоа не е добра порака“.

ДВ: Што значи тоа?

Свенка Савиќ: „Тоа значи – јас сум вербално со вас, ама ќе седам покрај мојот телевизор. Јас мислам дека интелектуалците не преземаат доволна одговорност. Морам да ја пофалам Лезбејската невладина организација од Белград, која навистина многу направи. Имаат прекрасна веб страница, имаат многу семинари, имаат прекрасни публикации, многу од тоа го посејаа како нови мали пунктови на различни места во Србија. Ние во Нови Сад исто така имаме лезбејска група, која речиси десет години е активна и дури работи на списанија ит.н. Кога гледате од таа друга перспектива, тогаш многу е направено“.

ДВ: Што треба да се случи па во Србија да стане можен истополовиот брак?

Свенка Савиќ: „Треба да пројде процесот. Сите се сложуваме дека тоа е процес, кој во Германија се случи порано, пред 30 години. Така и српското општество, кое во модернизацијата доцни зад сите можни други држави. Да речеме во моментов на медицинскиот факултет има учебник во кој се вели дека хомосексуалната ориентација е болест и дека таа треба да се лечи ваква, вака и вака... Видете, тоа го учат студенти на медицинскиот факултет. Ние ги анализиравме тие учебници, а кога велам ние мислам на женските невладини организации. Истовремено додека се случуваат поместувања, продолжуваат и патријархалните, затапени стереотипи и предрасуди. И тука навистина треба да се направат многу работи. Сите тие работи имаат врска, бидејќи дури тогаш кога рационализираш некои свои стереотипи и предрасуди и се соочиш со соодветна аргументација дека тоа е бесмислено, тогаш можеш да ги промениш работите. Вака не“.