1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

EU Agrarsubventionen

1 јули 2009

Аграрните субвенции, со 55 милијарди евра годишно, претставуваат речиси половина од вкупниот буџет на ЕУ. Многумина се прашуваат кој и зошто ги добива тие пари?

https://p.dw.com/p/Iemr
Жетва во Кајзерштул, ГерманијаФотографија: AP

Аграрните субвенции на ЕУ порано беа поврзани со количеството произведени продукти. Поради тоа Европа ја преплавија млеко и путер во многу поголемо количество, отколку што внатрешниот европски пазар можеше да ги потроши. Кога во јавноста се појавија и слики на уништување на дел од прекумерното производство - имиџот на аграрниот систем драстично опадна. Како последица од тоа од 2003 година субвенциите се ориентираат кон земјоделската површина со која располагаат примателите на субвенции. Така во западниот дел од ЕУ селаните добиваат по 300 евра од хектар и тоа се’едно дали на субвенционираните површини има нешто насадено или не. Слика за апсурдноста на новиот систем се игралиштата за голф, кои добиваат аграрни субвенции од европските каси.

Апсурди, апсурди

И тоа не е се’: ваквиот систем значи дека најмногу профитираат големите земјопоседници. Тоа го поттикнува натамошното окрупнување на земјоделските претпријатија, како и нивна засилена индустријализација. Во европските аграрни субвенции има ставка и за заштита на човековата околина, но таа е многу мала во однос на спомнатите чисто аграрни субвенции. Освен тоа, ЕУ дава пари и за субвенционирање на извозот на земјоделски производи. Само така можат европските прехранбени производи да ја издржат острата конкуренција на светскиот пазар. Негативна последица од тоа е пак уништувањето на земјоделците од земјите во развој.

Deutschland Europa Agrar Subventionen Transparenz
Пари за поплава од млеко?!?Фотографија: AP

Уште една фалинка на системот е тоа што земјоделците од западните земји-членки на ЕУ добиваат поголеми субвенции од оние во источноевропските. Разликата од речиси една третина треба да се изаедначи, според плановите во ЕУ, но при тоа порамнувањето ќе оди повеќе во насока на прилагодување на западните субвенции кон оние од истокот.

Преместување на друго поле

Општо, трендот се движи кон намалување на аграрните субвенции. Пред се’ Велика Британија и скандинавските земји интензивно се залагаат во таа насока и бараат европските земјоделци повеќе да бидат соочени со законот на пазарно стопанисување. Средствата што би се заштедиле со намалување на аграрните субвенции би можело да се вложат во други области, како на пример образованието. Тоа секако не наидува на одушевување во земјите коишто најмногу профитираат од аграрните субвенции, како Франција, Шпанија и Германија. Тие се борат за задржување на сегашниот систем или, ако веќе мора да се менува, тогаш инсистираат промените да бидат што е можно помали.

Автор: Кристоф Хаселбах / Горан Чутаноски

Редактор: Жана Ацеска