1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Парафиран договорот за анти-ракетниот штит во Полска

Томас Раутенберг15 август 2008

Полска и САД парафираа договор за изградба на анти-ракетен штит на полска територија. Заедно со радарската постројка во Чешка, тој би требало да ја заштити Америка од можни напади, како на пример од насока на Иран.

https://p.dw.com/p/Exdt
Фотографија: AP Graphics

Парафираниот договор меѓуПолска и САД предвидува на полскиот север, покрај базата за американскиот анти-ракетен штит, да бидат стационирани и модерни ракети за одбрана од типот „Патриот“. Полскиот премиер, Доналд Туск, образложи дека за безбедноста на неговата земја постојаното присуство на американските трупи има големо значење: „Најважно за нас, а тоа го покажува и искуството токму од последните денови, е нашата територија во случај на конфликт да биде заштитена од првиот момент.“

ЕУ и НАТО на Полска досега и‘ давале чувство на безбедност, нагласи Туск. Но, тоа, очигледно веќе не е доволно: „Верувам во воената сила на НАТО, но исто така знам колку трае оваа машинерија да се стави во погон. Затоа велам јасно - Полска сака вакво партнерство, каде што помошта пристигнува уште првиот ден. “

За деталите - допрва

Поддршка за неговото решение, Туск има и од национал-конзервативната опозиција. По постигната основна согласност за стационирање на ракетите, сега експертите на двете земји треба да разговараат за деталите.

Москва во ваквите договори гледа закана за сопствената безбедност и предупредува дека е можна нова трка во вооружување. Непосредно по постигнувањето договор, рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров ја откажа посетата на Полска, планирана за септември.