1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Партизираното општество ги гуши независните кандидати

Костадин Делимитов28 јануари 2014

Има ли шанси во Македонија независен кандидат да победи на избори? Теоретски да, но во пракса речиси невозможно, коментираат аналитичарите!

https://p.dw.com/p/1AyBL
Фотографија: Petr Stojanovski

Може ли независен кандидат да им ги замрси сметките на политичките партии на претстојните претседателски избори во Македонија. Во услови кога партиите тактизираат, а јавноста е во очекување кои ќе бидат нивните кандидати кои ќе влезат во претседателската трка, вниманието на јавноста повторно го привлекуваат најави на независни кандидати. Ваквата пракса е редовна на сите претходни претседателски избори, со исклучок на првите во 1994 година, но сите завршија безуспешно, а ако се суди според оценките на анлитичарите, многу веројатно дека тоа ќе се случи и на овие избори.

Главната причина зошто еден независен кандидат не може да успее да собере доволно гласови, според Владимир Мисев претседател на Институтот за демократија, лежи во фактот што македонскиот политички систем моментално функционира во т.н. партитократска форма каде што единствено кандидатите поддржани или предложени од страна на политичките партии единствено имаат можност да станат претседател на државата.

„Иако неколку години наназад се наметнува ова прашање за независен кандидат, очигледно дека ниту една од јавните личности не работи во подолг временски период и пред годината на одржување на изборите посериозно на својот јавен имиџ и подготовка за својата кандидатура за претседателската функција, со што би бил и рамноправен кандидат во однос на кандидатите предложени од страна на политичките партии. По мое мислење, идеално би било, кој и да е кандидат за претседател да има претходно политичко искуство и изборот на претседателската функција да биде врвот на својата политичка кариера, а не да биде единствената и првата политичка функција што ја имал“, коментира Мисев.

Vladimir Misev
Владимир МисевФотографија: Vladimir Misev

Со сличен став е и политичкиот аналитичар Алберт Муслиу според кого шансите за независен претседателски кандидат во моментов се минимални, дури и непостоечки. Причините за ваквата состојба според него се повеќе, но клучни се екстремната партизација на општеството околу други прашања што влиајеле на негово раслојување на едната и другата страна и сиромаштијата која ги прави партиите да се толку влијателни:

Спас во „стадото

„Во такви услови партиите повеќе гледаат спас во кандидати од нивното “стадо“ отколку во некоја друга личност која би ги надминала тие проблеми. Во едно општество каде реалната економија ја надвладува административната или државната економија сигурно дека и влијанието на државата се намалува. Но ние сме во општество кое е сиромашно каде главниот капитален двигател е државата. А во една држава која е партизирана резултатот е тој. Влијанијата на политичките партии е енормно. Исто така неможноста, но и неподготвеноста на одредени личности кои сакаат да се кандидираат како независни да работат во подолг период на креирање на својата лична неутралност, морални вредности кои кај гласачите би генерирале безрезервна доверба. Исто така тежината на овластувањата на претседателот кај нас. Преголема е инвестицијата за овластувањата кои би ги имал. За мене идеален би бил оној кој тоа би го направил од лично побуди, успешен бизнисмен или научник кој би ја завршил кариерата со претседателска позиција со која би можел да му помогне на општеството “, коментира Муслиу.

Gorge Ivanov Präsident Mazedonien
Неизвесно е дали актуелниот претседател Ѓорге Иванов ќе биде кандидиран за уште еден мандатФотографија: MIA

Во досегашните четири избори за претседател во независна Македонија, само еден кандидат учествувал како независен. На претходните избори во 2009 тоа му појде од рака на Љубе Бошковски кој загуби уште во првиот круг со освоени 146 илјади гласови. Речиси пред секои избори со вакви амбиции се јавуваат повеќемина кандидати, но се завршува само на најава и безуспешен обид за собирање на потребните десет илјади потписи за кандидатура.