1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Партиите како „бироа за вработување“ на младите

Свето Тоевски28 декември 2013

Голем број млади од Скопје и Тетово тврдат дека вработување се добива најлесно преку членство во политичките партии, кои се претвораат во „бироа за вработување“.

https://p.dw.com/p/1Ahtg
Фотографија: S. Toevski

Во Македонија живеат 484 илјади луѓе на возраст од 15 до 29 години, или 23.4 отсто од вкупното население. Од нив 46 проценти се невработени.

Во публикацијата со истражувањето „Ставовите на младите луѓе во Скопје за младинските потреби“ од април годинава 39 отсто од анкетираните 591 млади лица навеле дека „вработување се добива најлесно, ако си член на политичка партија, иако треба квалификациите да бидат пресудни“. Во истражувањето се истакнува: „Политизацијата на вработувањата ги обесхрабрува младите во наоѓањето работа ... 35 отсто од оние што ја бараат воопшто не ја посетиле Агенцијата за вработување во последните 12 месеци. Дури 70 проценти од анкетираните многу малку, или воопшто не се запознати со мерките на Владата и таа агенција“.

Зошто за младите станува се‘ попривлечна партиската книшка на владејачките и други политички партии, отколку сами да си основаат бизнис, или на други начини самите да си створат работно место?

Зоран Илиевски, извршен директор на Коалицијата на младински организации „Сега“ од Скопје, која е издавач на споменатата публикација, е категоричен: „Штом во Скопје 39 отсто од младите сметаат дека работата се наоѓа најлесно ако си член на политичка партија, тогаш таквиот став го одразува расположението на сите млади во Македонија, бидејќи во главниот град живее половина од нејзиното население. Од секојдневните контакти со младите луѓе го бележиме нивното незадоволство од општата тешка економска ситуација. Очигледен е се‘ поголемиот број на млади, кои се демотивирани и кои не веруваат во институциите во системот, ниту во мерките кои ги презема Владата преку Агенцијата за вработување. Ова е тренд, кој зема се‘ поголем замав. Тоа е причина и за сонот на секој млад човек да се вработи во јавната администрација, или во некои од институциите на локалните самоуправи, поради сигурните плати и минималните одговорности на работните места.“

„Во Норвешка нема ’класификување’ на младите со партиски книшки, заради вработувања“

Резарта Жаку од Струга, студентка на трета година на Факултетот за компјутерски науки на Штуловиот универзитет, со просечен успех од 10 од досегашниот тек на студиите, вели: „Немам намера да се зачленам во политичка партија, за да се вработам. Сакам тоа да зависи од моите способности. Бев на студентски престој во Норвешка и таму никаде партиските книшки немаат апсолутно никаква врска со вработувањата. Не доаѓа предвид такво ’класификување’ на младите во Норвешка.“

Mazedonien Studenten Stul Universität in Tetovo Ilir Redza
Илир Реџа, претседател на студентската организација „Студентски парламент“ на Штуловиот универзитет во ТетовоФотографија: S. Toevski

Илир Реџа, претседател на студентската организација „Студентски парламент“ на Штуловиот универзитет во Тетово, се надоврзува: „Анализата што ја направи овој универзитет покажа дека во Македонија полесно се вработуваат студентите со просек од студирањето меѓу 6 и 7, отколку оние што имаат просек од 9 – 10. Овде студентите немаат иднина: поминуваат подобро само оние кои имаат членови на свои семејства на разни раководни позиции, или кои имаат партиски врски. Сите вработувања се вршат врз партиска основа, што се покажува и од државната администрација. Мнозинството од моите колеги – студенти, додека се на студиите не размислуваат на политичките партии и сметаат дека со свои сили ќе се вработат. Но, по дипломирањето, кога ќе се соочат со реалниот пазар на трудот, тогаш согледуваат дека не вредат таквите нивни размислувања и затоа потоа секој настојува да влезе во некоја партија, за да добие работно место. Сегашните околности во земјата не нудат перспектива за ниеден студент; никој нема сигурност дека може да напредува благодарејќи на своите квалификации и способности.“

Зошто младите луѓе попрво бараат партиска книшка, отколку што се решаваат да појдат во бироата за вработување каде што живеат?

Милева Ѓуровска од Институтот за социологија на државниот универзитет во Скопје одговара: „Најголемиот работодавач во Македонија е државата. Постои огромна понуда на работна сила, подготвена да се вработи во буџетски финасираниот сектор, кој се претпочита, поради стабилните работни места и важењето на правната регулатива. Таков не е случајот со приватните претпријатија, каде работните места не се сигурни и незначително се почитува социјалната регулатива. Вработувањето во државниот сектор се извршува со оглед на партиската припадност. Тоа не дава добри сигнали за функционирањето на пазарот на трудот. Тоа ги обесхрабрува младите луѓе. Невработеноста го 'убива' општеството, бидејќи ја 'убива' работната сила.“

Одливот на младата и квалификувана работна сила во странство – „бела чума“ за општеството

Младите луѓе во земјата и самите како да се незаинтересирани на поинаков начин да ја обезбедат својата егзистенција, барајќи други патишта, а не само оние што водат кон партиите. Во овој контекст професорката Ѓуровска нагласува: „Младите не гледаат перспектива во поглед на вработувањето. Кај нив се разви посебен вид на прагматизам, во смисла: ’Ќе го прифатам предизвикот на тоа што ми се нуди, немам друго решение. Тоа е краен фатализам, признавање на целосна немоќ било што да се промени. Тоа е помирливост и резигнација, која не им доликува на младите.“

Илиевски дополнува: „Младите мора да разберат дека нивното вработување се наоѓа и во бизнис секторот, за каде се потребни и соодветни компетенции и квалитети. Таму речиси и да не влијае вработувањето според партиски клуч.“

Само преку програмата „Работи и патувај“ секоја година во САД одат околу 2000 студенти, а прашање е колку студенти и други категории млади од Македонија се „печалбари“ и во земјите на ЕУ и во други држави во светот, неретко обидувајќи се и „на црно“ да останат таму. Во врска со последиците од вакваото младешко „печалбарење“ професорката Ѓуровска заклучува: „Програмата да се патува и да се работи е многу добра, но, многу студенти бараат ’милион начини’ како да останат во САД, бидејќи ја почувствувале предноста кога имаат свои пари, без партиска книшка. Одливот на млада и квалификувана работна сила е во суштина 'белата чума' на општеството. Иселувањето е последното решение за наоѓање на работа. Тоа се случува откако ќе се исцрпат сите други можности во сопствената држава. Постои чувство дека навистина можностите се исцрпени.“