1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Партиите кои загубија бараат оставки на лидерите

Свето Тоевски20 јуни 2008

Во Македонија главниот збор го имаат главните играчи, односно големите партии, но и малите партии се вклучуваат во политичкиот живот најчесто само тогаш кога ќе треба да се бара довербата на граѓаните за нови мандати.

https://p.dw.com/p/ENVv
Малите партии работат само пред избори?Фотографија: aptn

Предвремените парламентарни избори во Македонија не покажаа еднакво чувство на одговорност кај лидерите на партиите, поврзано со нивниот изборен резултат. Помалите партии се задоволија со тоа да се вклопат во црно – белата слика, диктирана од главните играчи – големите етаблирани партии. Само Партијата за европска иднина и нејзиниот лидер, Фијат Цановски настапија самостојно и освоија еден пратенички мандат. Единствено Радмила Шеќеринска, лидерката на СДСМ, го најави своето повлекување од челната позиција по поразот. Во другите партии – губитници на тоа или не се помислува, или им се случува раскол.Таков е случајот со НСДП на Тито Петковски.

Врие и во Партијата за демократски просперитет, особено по соло – настапот на нејзиниот лидер, Абдуљади Вејсели од втори јуни годинава, кога рече дека ПДП ќе се претопела во ДПА. Овие денови е формиран Иницијативен одбор, кој или ќе формира нова партија со незадоволниците, или ќе изврши внатрешен партиски пуч. Назми Малиќи, член на Иницијативниот одбор вели дека целта е „ да ја трансформираат ПДП со нови идеи, со ново организирање, со свежи кадри, кои ќе значат нешто на политичката сцена во Македонија. Самата потреба за ново организирање ќе значи и нова личност, која ќе го менаџира тоа ново политичко организирање.“

Тачи е неприкосновен?

Претседателот на Демократската партија на Албанците Мендух Тачи не помислува на повлекување од лидерската позиција: „Нормално, додека не се стабилизираат работите и додека не исчезнат од политичката сцена луѓето, кои криминализираат повеќе од 60 илјади гласови“.

Малите партии не се подготвени да настапуваат сами, но наоѓаат начин да ги артикулираат своите интереси – оценуваат експертите. Професорката по политички науки на Штуловиот универзитет во Тетово Мирјана Малевска коментира: „Тие беа толку паметни да влезат во коалиција со партијата за која се очекуваше да победи. Има повеќе партии од етничките заедници. Тие се тука, само се уште не ги гледаме, бидејќи не ги испорачале своите барања. Ќе ги видиме, ќе видиме дека е тоа конгломерат на партии, се разбира, покрај ВМРО ДПМНЕ. Ќе се види дека има други помали партии, кога ќе се појават со своите барања. “

Хетерогеноста на општеството се огледа и во парламентот

Назми Малиќи, професор на ФОН Универзитеттот во Скопје, дополнува: „На помалите партии како да им недостасува храброст и на некој начин се организираат само пред изборите. Нема долготрајно организирање, за четири години да се подготват за избори, туку излегуваат било од СДСМ, ДПА. ПДП или од ВМРО ДПМНЕ. Со краткотрајна намера за политичко профилизирање не може никој да се надева дека ќе се пробие, да бидат и како парламентарни партии. Тоа со исклучоци, се разбира. “.

Доктор Малевска заклучува: „Оваа хетерогеност на македонското општество ќе се огледа и во идниот парламент. Подоцна можеби, не сега, ќе се појават партиите кои се во коалиција, со своите барања ќе се појавати албанските партии, кои се надвор од коалицијата. Мислам дека е залудно тоа што се надева премиерот, дека со повеќе од 61 пратеници ќе може да води политика каква што сака. Не може: мора да разговара, мора да преговара, мора да се договара со претставниците на различните сегменти на сегментираното општество “.

Меѓупартиските постизборни комбинаторики допрва следат, како и оние во нив внатре.