1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Партиите најостро го осудуваат инцидентот во Карпош

АТ/миа24 февруари 2014

Опозициската СДСМ и владејачката ВМРО-ДПМЕ најостро го осудија активирањето на бомба пред партиското седиште на социјалдемократите во населбата Карпош во Скопје.

https://p.dw.com/p/1BEa6
Фотографија: MAKFAX

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија најостро го осуди бомбашкиот инцидент што се случи синоќа (23.02.) пред партиското седиште во населбата Карпош во Скопје и го повика МВР што побрзо, поефикасно и поефективно да го расветли случајот и да ги пронајде сторителите, изјави денеска Стефан Богоев, претседател на СДММ.

„Во моментот на експлозијата, внатре, во седиштето на СДСМ во Карпош имаше состанок на Локалниот клуб на Социјалдемократската младина на Македонија, на којшто присуствуваа околу 30-тина млади, од кои едниот од младите влегол непосредно пред експлозијата на бомбата. Чиста среќа е што се сите живи и здрави и неповредени“, рече Богоев.

СДСМ, нагласи Богоев, уште еднаш апелира и бара од МВР професионално, ефикасно и ефективно да ја заврши истрагата и да ги пронајде сторителите.

Богоев одговарајќи на новинарски прашања информира дека инцидентот е пријавен од страна на младите кои биле во Локалниот клуб, увидот од страна на полицијата траел 2 часа, а оштетените возила исто така се пријавени и дополнително ќе бидат испратени во полиција.

Претходно и владејачката ВМРО-ДПМНЕ исто така се огласи со најостра осуда на активирањето на експлозивна направа во Скопје.

ВМРО-ДПМНЕ ги повика институциите на системот во најбрз можен рок да го расветлат случајот на активирањето на експлозивната направа и виновниците да ги изведат пред лицето на правдата.

Од партијата апелираат до сите политички субјекти да се воздржат од политичка злоупотреба на овој настан, да овозможат институциите да ги откријат сторителите, за да се утврди вистинската позадина и цел на овој настан.