1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Партиите „растрчани“ - граѓаните незаинтересирани

15 мај 2011

Во пресрет на изборната кампања за предвремените парламентарни избори, експертите предвидуваат можни нерегуларности. Граѓаните од политичките лидери бараат објективност и реалност.

https://p.dw.com/p/11GLm
Фотографија: DW

Претстои предизборна кампања со можни тензии, инциденти и конфликтни ситуации, можни се нерегуларности на самиот ден на парламентарните избори - ова се речиси идентичните коментари на неколку експерти и аналитичари, кои Дојче веле ги праша: што очекуваат за време на кампањата и на 5-ти јуни?

Професорката Анета Јовевска, експерт за избори од Универзитетот „Американ колеџ“ од Скопје смета: „Не можеме да очекуваме мирна предизборна кампања, која ќе се реализира согласно со одредбите на изборниот законик. Атмосферата е наелектризирана, постојат тензии, притисоци и загрозувања на избирачкото право. Оваа ’увертира’ не не’ остава релаксирани. Постојат индикации, кои можат да ја загрозат регуларноста на изборите уште на самиот старт.“

Граѓаните бараат рационални програми - не лаги и фантазии

Осман Кадриу, професор по политички и уставен систем на ФОН универзитетот во Скопје, се надоврзува: „Според сегашните постапки, однесувања и одделни дејства, кои се преземаат од некои политички партии, или од нивните членови и симпатизери, неможеме да очекуваме дека ќе имаме фер и демократски избори. Јас сум песимист во овој поглед.“

Мерсел Билјали, негов колега од истиот универзитет и политички аналитичар, истакнува: „Најверојатно, ќе има и празни ветувања, но, тоа ќе биде казнето на изборите. Луѓето бараат конкретни дела и предвидувања, конкретни програми, кои се рационални и можни. Значи, не бараат веќе лаги и фантазии.“

Тој фрла поглед поодделно и на предизборната кампања во албанскиот политички блок: „Кај албанскиот политички блок очекувам, конечно, тие партии да се свртат кон виталните интереси на граѓаните, значи, кон економските и социјалните прашања. Различните аспекти во однос на лажниот патриотизам повеќе не ’палат’, мислам дека луѓето се свесни дека се случува многу лесно ’патриотизмот’ да се трампа за профитот.“

Каков е ставот на граѓаните во Тетово?

Дојче веле праша и дел од граѓаните на Тетово како гледаат на претстојната предизборна кампања, на она што партиите им го ветуваат. Еве дел од покарактеристичните искажувања од оваа нерепрезентативна анкета со неколку десеттици лица од македонскиот, албанскиот и други етникуми, случајно одбрани на улиците на градот:

Einkaufsstrasse in Tetovo Mazedonien
Фотографија: DW/S.Toevski

„Јас не верувам никому, досега сите граѓани се измамени. Исто ќе биде: тие само на телевизија се караат, а потоа заедно пијат!“

„Ништо од тоа. Не ме интересира тоа, ниту партија, ниту ништо. Како сакаат, така ќе решат.“

„Апсолутно немам никаква волја ниту да гласам, ниту да ги следам што предвидуваат и како ќе биде. Не верувам во ниедна партија. Толку сум разочаран, што не верувам во ништо. Обичниот народ е незадоволен. Интелектуалните луѓе и оние што размислуваат подлабоко знаат дека нема да има којзнае какво подобрување за животот, за стандардот, која било партија да дојде на власт.“

„Потребни се реалност и објективност. Подобро е да се вети помалку, а тоа да се исполни, отколку да се ветува и да се ветува, што би се рекло, ридови и долини, а од сето тоа ниту 10, или 20 проценти, а се реализираат.“

Дали ќе се реализира договорот за фер избори?

Побаравме мислење од експертите и околу тоа дали очекуваат да се реализира договорот меѓу лидерот на ДУИ Али Ахмети и лидерот на ДПА Мендух Тачи за одржување фер и коректни избори.

Билјали го има овој став: „Не очекувам дека ќе се почитува таквиот договор. Само фантазер може да го очекува тоа. И тука ќе биде валкана и нечесна кампањата. Сметам дека ќе биде жестоко и во албанскиот политички блок.“

Кадриу посочува: „Јас сум песимист и околу тоа дека тој договор ќе се оствари, затоа што ги знам нивните однесувања, но и дејствата што ги преземат и самите, а посебно преку нивните членови и симпатизери.“

Останува да се види колку од овие предвидувања ќе се остварат, но и во колкава мера граѓаните ќе ја прифатат понудата на политичките партии за овие избори во земјата.

Автор: Свето Тоевски

Редактор: Александра Трајковска