1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Партиите ја отфрлија египетската уставна декларација

Б. Георгиевски/миа/макфакс10 јули 2013

И либералните и исламистичките партии во Египет ја отфрлија уставната декларација која ја предложи привременото државно раководство. Голема финансиска помош за Египет од соседите.

https://p.dw.com/p/194pu
Фотографија: Reuters

Главната либерална коалиција во Египет ја отфрли уставната декларација, издадена од времениот претседател Адли Мансур и побара повеќе промени и пошироки консултации за документот, кој има суштинско значење за политичката транзиција во земјата.

Фронтот за национален спас соопшти дека никој не се консултирал со нив и побара повеќе време за консултации околу документот. Меѓу главните лидери на коалицијата е и поранешниот генерален директор на Меѓународната агенција за атомска енергија Мохамед ел Барадеј, кој беше избран за потпретседател на Египет, одговорен за надворешна политика. Уставната декларација исто така беше отфрлена од двете најголеми исламистички движења во Египет и од млади и независни политичари и активисти.

Хазем ел Беблави (на фотографијата горе), кој беше назначен за премиер на Египет, најави дека ќе предложи министерски места на членови на политичкото крило на организацијата „Муслиманско братство“ - Партијата за слобода и правда и на радикалната исламистичка партија „Ал Нур“.

„Нема никакво противење против вклучувањето на членови на тие две партии во владата“, изјави портпаролот на премиерот.

Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати најавија помош од 8 милијарди долари за египетската економија, шест дена откако армијата го отстрани од претседателската функција исламистот Мохамед Мурси. Саудиската државна новинска агенција пренесе дека Ријад одлучил да додели помош од 5 милијарди американски долари, којашто ќе се состои од бескаматен влог од две милијарди долари во Централната банка на Египет, подарок од една милијарда долари, како и испорака на нафта и гас во вредност од две милијарди долари.

Саудискиот министер за финансии Ибрахим ал-Асаф појасни дека целта на оваа помош, која ја одредил кралот Абдула, е „да се поддржи економијата на Египет во моментите на големи предизвици за таа земја“, соочена со економски проблеми и политичка нестабилност уште од уривањето на деценискиот режим на претседателот Хосни Мубарак на почетокот од 2011 година. Саудиска Арабија со наклонетост ги прифати минатонеделното отстранување од власта на Мохамед уорси, а кралот Абдула беше првиот странски лидер кој му честиташе на привремениот египетски претседател Адли Мансур, само неколку часа откако беше именуван на таа должност.

Обединетите Арапски Емирати, претходно објавија дека на Египет ќе му доделат помош од три милијарди долари, од кои милијарда ќе биде подарок, а две како бескаматен влог во Централната банка на Египет.