1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Партиската герила во битка за интернетот

Невена Цукуќан/Б. Георгиевски6 февруари 2014

И бесплатен, и директен, а нема ни правила- интернетот е благослов за партиите во предизборната кампања. Партиите во Србија тоа веќе со години не го сфаќаат на најдобар начин

https://p.dw.com/p/1B3Yl

Сите кои досега не беа чуле за местото Фекетиќ во Бачка, минатиот викенд добија можност да го збогатат своето знаење. Во невремето во Фекетиќ, всушност, беше означен почетокот на предизборната кампања во Србија за изборите на 16 март. На луѓето кои беа завеани во снегот, на помош, покрај српската полиција и војска, им дојдоа и првиот потпретседател на Владата, Александар Вучиќ и министерот за транспорт Александар Антиќ, придружувани од ТВ екипа на српската Радио-телевизија. Интернет заедницата во истиот момент почна да го исмејува саморекламерството на политичарите. Набрзо се појавија серија монтирани фотографии, игри, и сатирични снимки од моментот во кој Вучиќ во рацете го носи детето со измислен поднаслов. Но, наскоро сите тие документи почнаа мистериозно да исчезнуваат од Јутјуб и од другите социјални платформи.

Во обид да ја спречат цензурата, голем број интернет корисници почнуваат масовно да ги разменуваат видео-снимките и фотографиите преку социјалните мрежи. Марио Малетиќ, координаторот на интернет-тимот на СНС- партијата чиј лидер е токму Вучиќ, случајно преку Твитер признава дека тој и неговиот тим се директно инволвирани во бришењето на материјалите од Јутјуб. Малетиќ подоцна го брише спорниот твит, но веќе е доцна. Алармирани се обете здруженија на новинари, како и фондацијата Шер, од каде најавуваат и поднесување кривична пријава.

Screenshot - Wahlkampf Internet Serbien
Твитот на Марио Малетиќ, координатор на интернет-тимот на СНСФотографија: Twitter

Битка за коментарите

Веста експлодираше во јавноста, и на сите им стана јасно дека почнува подготовката за изборите. „Нѐ очекува спем на инфо-порталите, 'ми се допаѓа' на Фејсбук, твитови на политичари. Среќа што кампањата ќе трае покусо“, вели Михајло Тешиќ, блогер и маркетиншки експерт.

Предизборната кампања за претходните избори беше првата во која партиите сфатија дека по пат на интернет директно допираат и до гласачите кои не се големи фанови на вечерниот Дневник. Сепак, можностите на мрежата не се искористени како што треба, се наведува во анализа на фондацијата Конрад Аденауер. Партиите и нивните функционери биле активни само за време на кампањата, а двонасочната комуникација меѓу граѓаните и партиските активисти не била честа.

Политикологот Жаклина Живковиќ, која учествувала во истражувањето, вели дека сега гласачите се повлекле од улогата на коментатори, а нивната улога ја преземале партиските „ботови“- активисти кои на најпосетуваните интернет- страници се потпишуваат со лажни имиња и ја фалат сопствената, а ги критикуваат другите партии.

Тешиќ вели дека од претходната изборна кампања останало уверувањето дека коментарите на читателите имаат клучно влијание врз гласачкото тело кое посетува интернет. Во прилог на тоа оди и презентацијата која протече до јавноста, а во која им се даваат упатства на партиските активисти како, кога и колку често да ги коментираат вестите на порталите.

„Ставовите на аудиториумот се формираат на многу покомплексен и долгорочен начин, за што е потребен координиран пристап на сите медиуми, иако ни тоа не може да биде гаранција, затоа што врз формирањето на политичките идеолошки ставови на поединецот влијаат бројни фактори вон интернетот, па и надвор од медиумите“, вели Тешиќ.

Screenshot - Wahlkampf Internet Serbien
Упатства за партиските активисти на интернет

Цензурата нема да мине!

Владан Јолер, директор на Фондацијата Шер, смета дека партиските активисти кои на нелегален начин се обидуваат да ги цензурираат содржините на интернет можат да создадат само контра-ефект, но предупредува и од уште посериозните случаи на „исчезнување“ на медиумски содржини.

„Постојат и други облици на делување, како што се насилното отстранување на содржини од порталите на независните медиуми и истражувачките новинари, хакерски напади врз медиумските сервери и употреба на софтвер за гласање при онлајн истражувањата“, смета Јолер.

Соговорниците се согласни дека цензурата на интернет е однапред загубена битка за цензорите, па дури и во време на предизборна кампања, кога не се бираат средства во битка за гласачите. „Доброто е што интернетот не можете да го замолкнете. Цензурата брзо резултира со отпор на граѓаните, што во последните случаи беше и докажано“, вели Жаклина Живковиќ.