Партиските војници ја „освоија“ Македонија
24 мај 2011Патриоти – предавници, сдмовци - вмровци, кочничари – реформатори, Словени – антички Македонци. Луѓето во Македонија дваесет години се распнати во оваа црно - бела комбинација. Политиката ја поклопи секоја граѓанска сфера, која наместо општо добро создава општествени паразити од кои граѓанството тешко се ослободува. Тие, пак, за сопствено опстојување вешто ги делат луѓето по политичка основа. Актери, пејачи, новинари, лекари, адвокати - сите се од една или од друга страна. Има ли место за неутралните, го праша Дојче Веле Сашо Мацановски Трендо.
“Погрешно е што политиката доминира во сите наши матрици низ кои ги пуштаме или проверуваме нашите идеи или стварноста околу нас. Ќе ви кажам личен пример. Без разлика што јас ќе кажам, а се’ уште си приуштувам да си кажам што мислам, реакциите се такви какви што им налагаат матриците во кои живеат тие луѓе.“
Каде е мерката?
Политичката определба е придобивка на демократијата, а чуството на припадност исконска потреба на човекот. Но, во Македонија особено последниве години поделбата е многу остра, видлива, атмосферата меѓу двата табора наелектризирана. Интелектуалците се се’ потивки, или се во некој политички табор, или се исплашени или демотивирани.
“Јас би забранил да се формираат партии“, вели Љупчо Бубо Каров.
Експертите ја објаснуваат се’ поголемата поделеност на општеството со економската и политичка криза. Граѓаните, исто како и политичарите, се неединствени по многу важни прашања што ја засегаат државата. Дел од експертите предупредуваат дека поделбата по политичка основа денес е поостра отколу по етничка. За надминување на ваквата состојба препорачуваат да се отвори сериозен дијалог меѓу политичките елити, кои мораат да изградат стратегија како натаму.
Автор: Горан Петрески
Редактор: Горан Чутаноски