1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пастрмката исполнува повеќе од три желби

4 јули 2010

Во Охрид ќе биде поставен споменик на ендемичната риба - пастрмка. Биолошки исчезнува, социолошки е бренд и феномен. Отворила многу врати, завршила факултети, спасила безброј животи. Мнозина ќе и‘ се поклонуваат.

https://p.dw.com/p/O0tk
Фотографија: dpa

Синоним за Охридското Езеро е ендемичната пастрмка. Експертите предупредуваат дека поради неконтролираниот лов во минатото, е пред исчезнување. Со закон е забранет нејзиниот лов. Така е на македонска, а на албанска страна се‘ уште неконтролирано се лови и нуди во рестораните, на пазарите, па дури и по патиштата.

„Сите досегашни влади и институции беа глуви. Така дојде до несакано истребување на пастрмката. Од тие причини сме принудени за нашите поколенија, за туристите и посебно за странците, за да ја видат, да и‘ изградиме споменик во бронза, кај пристаништето“, најавува Радован Димитриески од Спортското риболовно друштво „Св. Апостол Петар“.

Засега се знае дека изградбата ќе ја помогнат некои амабасади и бизнисмени.

Кој се‘ ќе се поклонува пред пастрмката ?

За охриѓани пастрмката е поважна и од златна рипка. Наместо три им решавала по стотици желби:

„Пред тој споменик ќе доаѓаат многумина да се поклонат. Бидејќи нивните кариери, училишни денови, во голема мерка зависеле од количеството пастрмка во езерото. Ќе ги има оние кои се поклонуваат на пастрмката, како исчезнат вид и оние на кои пастрмката им овозможила подобар живот. Некои добиле вработување, дошле до некој доктор... Ќе има многу благодарни луѓе на пастрмката“, смета Михаил.

Ohridforelle Albanien
Мора да се дозволи ловот за странските туристи под паролата „фати – пушти, велат од спортското риболовно друштво во ОхридФотографија: cc-by-sa-Rob-Hogeslag

Во секоја пригода ја користевме да се оддолжиме. Каде и да одеа, нашите родители без пастрмка не тргнуваа, вели Маја од Пештани: „Секогаш кога сме се обраќале во некои институции се подразбирало дека треба да понесеме пастрмка со нас. Не ни‘ ја бараа, ама знаевме дека таа ни‘ ги отвора сите врати. Не се подразбира како мито, туку како благодарност. Некои странски туристи што доаѓаат кај нас не сакаат ништо друго, пастрмката секогаш им била најдобар подарок од нас.“

Моќта на пастрмката, ја дообјаснува Љупчо: „Мојот , сега покоен дедо кон крајот на 80 години, беше болен од канцер на белите дробови. Паметам дека моите испразнија цел фрижидер пастрмки, кои ги раздадоа во Скопје, по клиниките. Алал нека им се. Дедо ми за возврат доби најдобар третман, најдобри лекови и услуги и животот му беше продолжен уште 4 години.“

Писателката Драгица Најческа, додава: „Пастрмката е многу убава риба и мислам дека е навредливо за неа нешто лошо да се каже.А дали некој под рака ја става на нечија софра, ја консумира зашто направил некоја противуслуга... И тоа не е многу страшна работа, место пари човек да дава , што е побанално, дава дел од убавиниве на Охрид.“

Елитните ресторани да ја нудат пастрмката, доколку за нејзе платат концесија

Исчезна и ловот со блинкер. Згасна една долга традиција, признава Димитриески:

Panoramabild von Ohrid
За охриѓани пастрмката е поважна и од златна рипка - им решавала по стотици желбиФотографија: Petr Stojanovski

„Ритуалот траеше три дена. Подготовка, лов, и фалење со уловот. В недела попладне цел град мирисаше на пастрмка. Доаѓаа риболовци од цел Балкан. Мора да се дозволи ловот за странските туристи под паролата „фати – пушти.“

Пастрмката е убава за око, а гурманите велат дека е посебен специјалитет и има неповторлив вкус. Затоа е барана, дури и преценета. Додека ја имаше, еден килограм се нудеше по 20 евра, а во рестораните, дури и по двојна цена. Се‘ погласно се зборува дека треба да се нуди во елитините охридски ресторани и тие за неа да плаќаат некој вид концесија, која подоцна би се инвестирала во вештачкиот мрест.

Автор: Милчо Јованоски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска