1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Патнички хаос во Шпанија

4 декември 2010

Контролорите на летање во Шпанија вчера спонтано одлучија да стапат во штрајк, што придонесе за откажување на стотици летови, а илјадници патници останаа заглавени на шпанските аеродроми. Контролата ја презеде армијата.

https://p.dw.com/p/QPa0
Фотографија: AP

Шпанската влада се обидува до сите средства да се справи со хаосот, што настана по ненадејниот штрајк на контролорите на летање. Денеска (04.12.) кабинетот одржува вонредна седница. Премиерот Запатеро дури им се закани на вработените во шпанските аеродроми: доколку во текот на денешниот ден (04.12.) не се вратат на работните места, ќе бидат уапсени. Освен тоа, тој најави прогласување на вонредна состојба, доколку денеска не дојде до нормализирање на воздушниот сообраќај. Владата се надева дека на тој начин ќе ги принуди контролорите повторно да се вратат на работа.

Наместо одмор - чекање на аеродром

Околу деведесет проценти од вработените во контрола на летање на шпанските аеродроми вчера попладне ги напуштија работните места и стапија во штрајк, во знак на протест поради плановите на владата за продолжување на нивното работно време, како дел од острите мерки за штедење. Вкупно осум аеродроми беа затворени, меѓу другите и најголемиот во Мадрид, а погодени беа и туристичките центри Ибица, Палма де Мајорка и Менорка. Речиси целиот шпански воздушен простор беше блокиран. Стотици летови беа откажани, а околу 250 илјади патници беа затечени од вонредената состојба. Штрајкот се случува во особено непогоден период - следните понеделник и среда се празници во Шпанија, поради што голем број лица имаа букирано летови за продолжениот викенд.

Spanien Flughafen Stillstand NO FLASH
„Отакажан“ беше речиси секој лет од шпанските аеродромиФотографија: AP

Шпанија се обидува да се извлече од финансиските тешкотии

Шпанската влада, која е принудена на строги штедења, вчера одлучи да го зголеми работното време на контролорите на летање на вкупно 1670 часа годишно. Притоа не се смета времето, што контролорите на лет го поминуваат надвор од контролната кула, односно кога се распоредени на некоја друга работна задача. „Со новата одредба, што не` принудува повеќе да работиме, се достигнува нашата ментална граница“, критикуваше портпаролот на синдикатот на контролорите.

Одлуката на владата е дел од новиот пакет за штедење. По Грција и Ирска, Шпанија важи за следниот кандидат за спасување од финансиски колапс. Со цел да наполни државниот буџет, владата одлучи да приватизира 49 проценти од аеродромите, што треба да донесе околу девет милијарди евра.

Автор: ТТ/СН/ап, дпа

Редактор: Симе Недевски