1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Патот до универзитет - студирање во Германија

Јорданка Јорданова/Елизабета Милошевска Фиданоска10 октомври 2012

Имате диплома за завршено средно образование и сакате да студирате во Германија? Пред да ги спакувате куферите треба да се подготвите за престојот во оваа земја.

https://p.dw.com/p/16JBa
Фотографија: picture-alliance/dpa

Од специфични педагошки студии до зоологија - германските универзитети нудат голем број студиски насоки. Како да се пријавите за место за студирање во Германија често зависи од избраната студиска насока.

Пријавување за место за студирање

На германските универзитети има студиски насоки со ограничен број места за студирање и насоки кај кои бројот е неограничен. Кој ќе избере студии со ограничен број места на сојузно ниво, како што се студиите по медицина, треба да се обрати на Фондацијата за доделување места за студирање (Stiftung für Hochschulzulassung). Доколку станува збор за студии со ограничен број места на локално ниво или за студии со неограничен број места, граѓаните на ЕУ можат да ги испратат своите документи и пријави директно на одделните универзитети.

„Пријавите можат да одат и преку Службата за работа и сервисни услуги за странски апликанти (uni assist)“, објаснува Никол Бернерс, раководител на Одделот за општи прашања, планирање и координација при Германската академска служба за размена (ДААД). Тогаш ДААД става на располагање формулар за пријавување, кој е прифатен од страна на многу голем број универзитети.

Најдобро е заинтересираните за студирање да се информираат околу условите за пријавување на универзитетите кадешто сакаат да студираат, каде директно ќе добијат информација за тоа што се‘ се бара (свидетелства, биографија, дипломи за познавање јазик и слично). Нотарски заверените копии мора да имаат секогаш оригинален печат и оригинален потпис.

Кои дипломи за познавање јазик се важни?

Сите странски студенти мора да докажат познавање на јазикот на којшто се одвива наставата за да добијат дозвола за студирање. „Универзитетите во своите услови имаат различни барања за видот на дипломата за јазик и успехот со којшто треба да се положени испитите за јазик (TestDaF, DSH и други)“, вели Никол Бернерс од ДААД. Исто така варира и нивото на кое се познава јазикот, но често се бара познавање на јазикот на ниво Ц2. Испитите за да се добие соодветниот сертификат за јазик може да се полагаат во татковината или во Германија.

Deutsch Lernen Spanien Übung
Фотографија: Reuters

Кому му е потребна виза за студирање?

Кој веќе си обезбедил место за студирање, пред да ги спакува куферите треба да се информира за условите за престој во Германија. На странските студенти од земјите од ЕУ не им е потребна виза. Тие добиваат потврда за право на престој во ЕУ која ја издаваат не службите за странци, туку општините. Граѓаните на ЕУ, исто како и германските државјани, можат да отидат во службите за пријавување престој во општините и таму да го пријават својот престој. Ним им е потребно здравствено осигурување и доказ дека можат да го финансираат својот живот во Германија. На странските студенти кои доаѓаат од земји кои не се членки на ЕУ им е потребна виза. Таа се издава по правило за периодот на просечното траење на студиите плус три семестри. Максимално, студирањето во Германија може да трае десет години, а ако се оди и на докторски студии - 15 години.

Како дел од студиите, освен наставата, се вбројуваат и подготвителните процеси, како колеџ, курсеви за јазик, пракса. Тука се вбројува и времето за натамошна наобразба, односно пракса, како и докторски студии или специјализација. Втор вид на студии е во основа исклучен. Важен предуслов за да се добие дозвола за престој за да може да се студира во Германија е да се прикаже дека се располага со доволно финансиски средства, што во моментов се проценува на околу 650 евра месечно плус здравствено осигурување.

Кои правила важат за здравствено осигурување?

Сеедно дали германски или странски студенти - сите кои живеат во Германија мора да имаат здравствено осигурување. Има општо и приватно здравствено осигурување. По правило, странските студенти имаат општо здравствено осигурување, со специјални тарифи за студенти. Студентите од ЕУ и од земјите со кои Германија има склучено договори за социјално осигурување, можат под одредени услови да останат осигуреници во татковината и во Германија да ја користат таму издадената картичка за европско здравствено осигурување.

Symbolbild Studiengebühren
Фотографија: Fotolia/N-Media-Images

Кој плаќа студентска такса?

„Нема разлики во висината на студентските такси за Германците, за другите граѓани од ЕУ и за граѓаните од земји кои не се членки на ЕУ“, објаснува Никол Бернерс. Меѓутоа, во моментов само во покраините Баварија и Долна Саксонија има општи студентски такси во висина од 500 евра по семестар. На многу универзитети сепак, се плаќаат такси за натамошно образование на академци кои завршиле мастер-студии и се веќе вработени и сакаат да се квалификуваат за да одговорат на новите задачи на работното место или кои имаат намера да се позиционираат подобро на пазарот на работна сила. На приватните високошколски установи за студиите по правило се плаќа.

Студент во Германија - привилегија?

Студентите странци имаат исти предности како германските студенти. Секој студент добива студентска легитимација, која овозможува користење на јавниот превоз во широк регион околу универзитетот. Освен тоа, сите што имаат ваква легитимација имаат и поволности при плаќање влезници во музеи, на концерти или во кино и театар.

„Странците кои доаѓаат на мастер-студии или на докторски студии во Германија можат да конкурираат за стипендија на ДААД. Студентите со странско државјанство можат да конкурираат и за таканаречената ’Германска стипендија’ (Deutschlandstipendium - стипендија наменета за надарени студенти н.з.)“, дополнува Никол Бернерс.

Живеење во Германија

Кој планира да студира во Германија, треба навреме да побара соодветно сместување. Само оние што рано стапуваат во контакт со високошколската установа, можат да обезбедат место во студентски дом. Освен домовите, во Германија меѓу студентите се омилени собите во таканаречените заедници за живеење. Заедница за живеење значи дека повеќе лица живеат во еден стан или куќа. Соби во вакви заедници се нудат на интернет. Студентските домови, како и заедниците за живеење се препорачливи за студентите странци во секој случај поради тоа што трошоците не се високи, а овозможен е и контакт со други студенти.