1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пауза во проширувањето на ЕУ?

Силвера Падори17 март 2009

Германската Христијанско демократската унија (ЦДУ) сака натамошно јакнење, но и поставување на границите на ЕУ. Во програмата за европските избори, партијата бара пауза во проширувањето, со исклучок на Хрватска.

https://p.dw.com/p/HDOl
Германската канцеларка Ангела Меркел ја претстави програмата на нејзината партија ЦДУ за европските избориФотографија: AP

Во програма на ЦДУ за изборите за Европскиот парламент, насловена како “Силна Европа - сигурна иднина”, стои дека на Европската Унија и’ е потребна пауза во проширувањето, од кое ќе биде исклучена само Хрватска. Не е ли ова контрадикторно во случајот на Македонија, ако се знае дека Европскиот парламент токму минатата недела, по разгледувањето на извештајот за напредокот на земјата, на Европската комисија и препорача до крајот на годината да ги започне пристапните преговори?

„Не рековме дека другите земји од Западен Балкан нема да ги примиме во Европската Унија. Но, како што гледате од примерот на Хрватска, пристапните преговори можат да траат многу долго. Ние сега направивме изборна програма за наредните години, а времето од стекнувањето на статус, до полноправното членство ќе трае долго и според тоа не станува збор за противречност меѓу перспективите за членство и она што го бараме. Хрватска оствари најголем напредок во преговорите за членство и затоа тука посебно ја споменавме“, истакна канцеларката Меркел, додека претседателот на Европскиот парламент, Ханс-Герт Петеринг, дополни:

EU Deutschland Angela Merkel Europaparlament Hans Gert Pöttering
Ангела Меркел и Герт ПетерингФотографија: AP

„Важно е дека тие земји имаат перспектива за зачленување во ЕУ Но, тој пат сигурно ќе трае долго. Во некои случаи и премногу долго. Почетокот на тој процес треба да биде охрабрување за земјите од регионот и нивните општества, за да можат понатаму да ги спроведат политичките реформи. Но, тоа не може да се постигне од денес до утре“, рече Петеринг.

Визната либерализација е посебно прашање

Како, пак, ваквата пауза ќе се рефлектира врз процесот на визната либерализација?

„На прашањето за визна либерализација се работи независно од членството и тој процес е во тек. Знам дека тие земји не се задоволни, но тоа нема врска со членството во ЕУ. И уште еднаш сакам да подвлечам дека европската перспектива останува. Тоа не е доведено во прашање. Сите знаеме дека структурите на Западен балкан се многу комплицирани и дека стабилноста може да се обезбеди само со европската перспектива. Можете и нам да ни верувате дека ние, земјите кои имаме свои војници и кои многу придонесовме за стабилност во регионот, имаме сопствен интерес да продолжи позитивниот развој на Западен Балкан. А без европска перспектива тој нема да биде позитивен и затоа за тоа прашање во нашата изборна програма ништо не е променето. Ние ставаме акцент на фактот дека и со сегашните 27 земји членки треба нешто да се направи, зашто не е од полза ако има многу членки, а мегусебно нема работен ритам и не може да се донесуваат одлуки. Затоа мора сега вака да се направи, а со цел еден ден да може да има нови членки“, истакна канцеларката Меркел.

Werbung auf der Fassade des Gebäudes des EP in Straßburg für die Wahl der EU-Verfassung
Седиштето на Европскиот парламент во Стразбур. Изборите за места во парламентот на ЕУ во Германија се закажани на 7 јуниФотографија: presse