1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пацоли: Реалноста треба да се прифати

23 март 2011

Беџет Пацоли е првиот косовски претседател кој доаѓа во официјална посета на Македонија, а Скопје по Тирана е втората негова дестинација откако е избран на таа функција.

https://p.dw.com/p/RBvR
Беџет Пацоли во посета на МакедонијаФотографија: AP

Меѓу Македонија и Косово нема отворени прашања, соработката треба да се продлабочува во сите сфери. Патување со лични карти меѓу Македонија и Косово е една од целите. Прашањето било покренато од Пацоли, кој побарал помош од македонска страна за негова имплементација. Шефот на македонската држава Ѓорге Иванов објасни дека е неопходно Косово да ги исполни критериумите за визна либерализација, неопходен услов за меѓусебната граница да се минува само со лична карта.

Пацоли и Иванов разговарале за самитот на претседателите на Македонија, Косово, Црна Гора и Албанија, што треба да се одржи во јули, во Охрид.

Косовскиот претседател настапи со прилично храбра дипломатска изјава. Ги покани српскиот и грчкиот претседател да се приклучат на самитот во Охрид.

Flaggen Kosovo und Mazedonien
Економскиот развој и евроатлантската иднина се клучот за просперитет на Македонија и на Косово, констатираа Иванов и Пацоли

„Јас сум секогаш за ваквите средби, средби на кои секогаш се разговара отворено за иднината, затоа што ако се разговара отворено за иднината, тоа ќе биде добро за нашите народи. Исто така, сакам да истакнам дека се надевам оти на овие средби во иднина нема да бидат само четирите држави, туку тој формат ќе се прошири. Зошто да не биде присутен господинот Тадиќ, а понатаму и претседателот на Грција, Папуљас? И тие еден ден ќе мора да сфатат дека реалноста е таа, ние постоиме и од таа ситуација ќе имаат придобивка нашите граѓани“, рече Пацоли.

Двајцата претседатели констатираа и дека економскиот развој и евроатлантската иднина се клучот за просперитет на Македонија и на Косово. Во рамки на посетата беше потпишан протокол меѓу двете земји за соработка во земјоделството и сродните сектори.

Автор: Горан Петрески

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска