Свет

Пацоли: Се радувам на помирувањето со Србија

Србија знае дека ќе дојде денот за помирување со Косово и дека на крајот ќе се постигне договор за помирување, вели за ДВ косовскиот министер за надворешни работи, Беџет Пацоли.

Kosovo-Außenminister Behxhet Pacolli (DW/Bekim Shehu)

Дојче веле: Господине Пацоли, рековте дека приоритет во Вашата работа ќе биде продолжување на процесот на признавање на Косово. Но, тој е во прилично заостанување. Што конкретно ќе преземете?

Беџет Пацоли:Процесот на признавање малку заостанува, бидејќи во текот на мандатот на претходниот министер за надворешни работи се случија само две признавања на Косово. Мојата агенда предвидува јакнење на дипломатските односи со земјите од сите континенти, а посебно со државите кои го немаат признато Косово. Признавањето на независноста на Косово за нас е најважен процес и нема да запреме на тој пат.

Една од најголемите обврски на Косово е демаркацијата на границата со Црна Гора, што беше една од причините и за пад на минатата влада на Косово. Како ќе го решите тој проблем, со оглед на тоа што многумина во Приштина тврдат дека Косово со таа спогодба губи доста од територијата?

Нема да се занимавам со она што се случило пред моето доаѓање на оваа функција, но ние мораме да го решиме тој проблем. Потпишавме спогодба со Црна Гора, која таа и ја ратификуваше. Значи, тоа прашање де јуре е завршено. Јас немам никаков проблем со тоа, бидејќи сметам оти таа спогодба треба да се почитува. Ние немаме никаков конфликт со Црна Гора, но нашата јавност е поделена по тоа прашање. Тоа се гледа и во парламентот на Косово. За Црна Гора прашањето околу спогодбата е затворено, а ние треба да решиме како ќе го решиме тоа прашање. Секако, основата за договор е потпишаната спогодба, а јас не гледам дека Црна Гора сака косовска територија или дека Косово сака да присвои црногорска територија. Основавме нова комисија која ќе ги согледа сите документи, а ако нема некои промени, ќе се вратиме кон потпишаната спогодба. На Црна Гора не ѝ се брза, но нам ни се брза, зашто тоа е еден од условите за либерализација на визите.

Дали Косово во иднина ќе има некои „црвени линии“ во поглед на дијалогот со Србија, со оглед што во Приштина цело време се зборува дека од дијалогот профитира само Србија?

Не би требало да зборуваме за црвени линии, бидејќи целта на дијалогот е амортизација на проблемите и предизвиците, а не нивно заострување. Црвени линии би требало да имаме кога станува збор за насилство и војна, а дијалогот е тука за да се најдат решенија. Дијалогот треба да биде во функција на наоѓање излези од проблемите, а не за собирање политички поени на внатрешен план. Процесот се одвива во вистинска насока, јас гледам придвижувања и од страна на Србија. Иницијативата на Вучиќ за внатрешен дијалог во Србија не би требало да се критикува, туку на неа да се гледа како на конструктивен обид за решавање на проблемите и од тој нивен дијалог треба да се земат само позитивните работи, кои можат да користат за продолжување на дијалогот меѓу Косово и Србија. На Србија ѝ е јасно оти помирувањето со Албанците би можело да биде придонес за регионот и за самата Србија. Нам исто така ни е јасна реалноста која ја имаме.

Србија е консолидирана држава која има долга гранична линија со Косово, додека Косово од друга страна претставува еден од важните економски партнери на Србија. Би требало да ги интензивираме односите во врска со слободата на движење на луѓето, капиталот и идеите, за да го подобриме животниот стандард. Србија знае дека ќе дојде денот за помирување со Косово и дека на крајот ќе се постигне договор за помирување. Јас се радувам на помирувањето, зашто од него ќе профитираат Косово, Србија, но и регионот.  Еден од чекорите кон помирување е и нашето повлекување од барањето за членство во Интерпол.  Ние интензивно размислуваме да се откажеме и од барањето за зачленување во УНЕСКО, со што на Србија ќе ѝ испратиме многу силен сигнал дека сакаме да го потпомогнеме процесот на дијалог. Но, ни Србија не треба да ги блокира нашите иницијативи за пристапување кон меѓународните организации. Јас мислам дека и сега би можеле да се зачлениме во УНЕСКО, но сакам спогодбата со Србија да биде што е можно побогата  и во неа да бидат опфатени и тие прашања.

 

DW.COM

Albanian Shqip

Amharic አማርኛ

Arabic العربية

Bengali বাংলা

Bosnian B/H/S

Bulgarian Български

Chinese (Simplified) 简

Chinese (Traditional) 繁

Croatian Hrvatski

Dari دری

English English

French Français

German Deutsch

Greek Ελληνικά

Hausa Hausa

Hindi हिन्दी

Indonesian Bahasa Indonesia

Kiswahili Kiswahili

Macedonian Македонски

Pashto پښتو

Persian فارسی

Polish Polski

Portuguese Português para África

Portuguese Português do Brasil

Romanian Română

Russian Русский

Serbian Српски/Srpski

Spanish Español

Turkish Türkçe

Ukrainian Українська

Urdu اردو