1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пекол во воените бордели

Естер Фелден/Марта Таневска27 септември 2013

14 годишната Ли Ок-Сеон ја киднапирале јапонски војници и ја однеле во бордел. Таму три години преживувала пекол, се` до крајот на Втората светска војна. За преживеаното проговори само пред неколку години.

https://p.dw.com/p/19bnq
Фотографија: Tsukasa Yajima

Ли Ок-Сеон раскажува за тоа како на улица во градот Бусан на југоисток од корејскиот полуостров ја нападнале група мажи. Навидум раскажува без емоции. Тоа се случило доцна попладне помеѓу 17 и 18 часот, се присетува. Ја грабнале и ја ставиле во возило. Ја испратиле во таканареченото „место за утеха“ на северозапад од Кина. Ли Ок-Сеон тогаш имала 14 години. Не ни претпоставувала дека својата татковина ќе ја види шест децении подоцна. Исто како што не верувала дека по толку години нејзините родители ќе престанат да се надеваат дека ќе се врати и ќе ја прогласат за мртва. А уште помалку претпоставувала какви маки ја очекуваат.

Ли Ок-Сеон во воениот бордел во покраината Јилин била три години, се до крајот на Втората светска војна. Секојдневно била присилувана на секс со јапонски војници. Оваа 86 годишна старица не сака да зборува за детали, своите сеќавања ги става во една реченица: „Тоа не беше место за луѓе, тоа беше кланица“. Кога го изговара тоа, нејзиниот глас звучи строго. Тие три години го обележаа целиот нејзин живот: „Војната заврши одамна, другите се ослободени но не и јас“.

Поинакво име за сексуалните робинки

Ова не е само еден случај. Точниот број на девојки и жени кои ја доживеале сличната судбина како Ли Ок-Сеон не може да се утврди. Бернд Штувер, историчар од Универзитетот во Потсдам, за Дојче Веле вели дека нема точни бројки, но се проценува дека биле околу 200.000. Според неговото мислење, врежаниот поим „жени за утеха“("comfort women") создава погрешна слика: „Тоа е погрешно, тоа биле присилни проститутки“.

Südkoreanerin Lee Ok-Seong
Ли Ок-Сеон во воениот бордел во покраината Јилин била три годиниФотографија: Tsukasa Yajima

Девојки и жени не се киднапирани само во Кореја, која тогаш била под јапонска окупација. Жртвите потекнуваат и од други земји, на пример Кина, Малезија и Филипини. На целата територија која тогаш била под јапонска власт биле отворани таканаречените „места за утеха“, односно борделите кои требале да ја засилат борбеноста на јапонската војска и да ги заштитат жените од освоените области од силување. За тие кои се нашле во некои од тие „места за утеха“, повеќето од нив малолетнички, борделите им биле места за страдање. Многу од нив не преживеале. Се проценува дека две третини од нив умреле пред да заврши војната.

Молк поради срам

„Често не тепаа, ни се закануваа, не рануваа со ножеви“, се присетува Ли Ок-Сеон. „Имавме 11, 12, 13 или 14 години и не верувавме дека некој ќе дојде да не` спаси“. Таа вели дека девојките и жените цело време биле отсечени од надворешниот свет. „Многу девојчиња си го одземаа животот. Се удавија или обесија“, раскажува таа. И додава дека и таа во еден момент помислувала на самоубиство но дека се предомислила: „Наједноставно е да се каже: ’Најдобро е да бидам мртва’. Но многу е тешко тоа да се направи. Тоа е голем чекор“.

Japanische Soldaten in China zweiter Weltkrieg
Борделите требале да ја засилат борбеноста на јапонската војска и да ги заштитат жените од силувањеФотографија: Imago

Ли Ок-Сеон ја преживеала војната. По јапонската капитулација во доцното лето 1945 година сопствениците на борделот исчезнале без трага и одеднаш жртвите биле слободни. „Не знаев каде да одам. Немав пари. Бев без кров над глава, спиев на улица“, раскажува таа. Не знаела како да стигне до Кореjа, а не ни сакала да оди таму. Срамот бил преголем. „Порадо сакав да останам во Кина и таму да умрам. Како можев да одам дома? Од моето лице веќе се читаше дека сум ’жена за утеха’. Немаше да можам да ја погледнам мајка ми во очи“, објаснува Ли Ок-Сеон.

Присилната проституција како табу тема

Потоа запознала еден маж кој бил со потекло од Кореја, се омажила за него и се грижела за неговите деца. „Сметав дека ми е задача да се грижам и да ги пораснам тие деца, чија мајка умрела“. Додека го кажува тоа, нервозно игра со прстите и додава: „Јас не можев да имам деца“. Поради сексуално преносливите болести како сифилис, која повеќе пати ја добивала во борделот, по ослободувањето толку се разболела што скоро починала. За да ги зголемат нејзините шанси за живот, лекарите и‘ ја отстраниле матката. Во кинескиот град Јанџи со децении живеела повлечен живот. Вели дека сопругот секогаш бил добар кон неа. Смеејќи се за прв пат, додава. „Инаку не би била толку долго со него“.

Südkoreanerin Lee Ok-Seong
Пред јапонската амбасада во Сеул редовно се собираат жртвите со транспаренти и бараат извинување и отштетаФотографија: Tsukasa Yajima

И другите преживеани девојки и жени пробале да започнат колку-толку нормален живот. Не се осудиле да зборуваат за тоа што им се случило. Од страв да не бидат изолирани и дека би можеле да им нанесат срам на своите фамилии. Присилната проституција била апсолутна табу тема.

Јапонија одбива да се соочи со минатото

Во 1991. година за првпат поранешна „жена за утеха“ ја раскажала својата приказна. Тоа охрабрило повеќе од 250 жени кои ја доживеале истата судбина. Тие од јапонската влада побараа извинување и отштета.Оттогаш пред јапонската амбасада во Сеул се собираат секоја среда жртвите, членовите на нивните семејства и активистите за човекови права. Тие носат транспаренти и извикуваат пароли. Но досега не го добиле тоа што го бараат.

Јапонија и понатаму одбива целосно соочување со тоа мрачно поглавје од своето минато, вели историчарот Штувер. Јапонската влада всушност во 1993. нарачала студија во која се признава постоењето на „жена за утеха“ и срамотната улога на јапонската војска. Следеле извинувања, но како што вели Штувер, секогаш станувало збор за поединечни извинувања, но не и признавање на целата вина. Немало ни службено исплаќање на отштета. Неколку стотици жени се обештетени од еден приватен фонд во кој парите ги уплатила владата. Но, отштета не добија сите жртви. А веројатно и нема, бидејќи во 2007 јапонскиот Врховен суд донесе одлука дека немаат право на отштета.

Südkoreanerin Lee Ok-Seong
Една од ретките фотографии од Ли Ок-Сеон кога била младаФотографија: Tsukasa Yajima

И денес се` уште се случува, пред се` националистичките политичари во Јапонија да го негираат постоењето на „жени за утеха“. Или погрешно да претставуваат што се случило. Така сегашниот премиер Шинцо Абе за време на својот прв мандат во пролетта 2007. изјави дека “нема докази дека на тие жени им е вршен притисок“. Подоцна се извини за таа изјава.

Срамот се` уште постои

Ли Ок-Сеон денес повторно живее во Јужна Кореја. По смртта на нејзиниот сопруг, во 2000. година, сепак почувствувала желба да се врати во својата татковина и да ја раскаже својата приказна. Оттогаш живее во близина на Сеул во куќа која е наменета за сместување на поранешните присилни проститутки. Таму за прв пат добила психолошка помош. И конечно нов пасош.

Нејзините родители во меѓувреме умреле, а нејзиниот помлад брат е уште жив. Тој и‘ помогнал да го реконструира своето минато. А потоа прекинале да контактираат. Се случило баш тоа од што се плашела Ли Ок-Сеон: нејзиниот брат не сакал веќе да има било каква врска со неа бидејќи се срамел што неговата сестра била „жена за утеха“.