1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пентагон подготвен за напад, Белата куќа не е

Андреас Горжевски/Б. Георгиевски25 јули 2013

Пентагон има план за воена интервенција во Сирија, вели началникот на Генералштабот на САД. Но, политичка одлука засега нема од повеќе причини- неуспешните војни од последната декада и нејасната состојба во Сирија

https://p.dw.com/p/19Dm6
Фотографија: AFP/Getty Images

„Одлуката да се користи сила никому не би била лесна“, напиша началникот на генералштабот Мартин Демпси во своето писмо. Во него уште се наведува дека Пентагон има разработена воена стратегија доколку се донесе политичка одлука за интервенција во Сирија. Меѓу разработените мерки се обука, советување и помагање на опозицијата, ограничени ракетни напади, воведување зона на забранети летови, тампон зона, најверојатно долж границата со Турција и Јордан и преземање на контролата врз магацините со хемиско оружје на Асад. Илјадници војници, бродови, авиони- само воспоставувањето на зоната на забранети летови би чинело милијарда долари месечно, пресметал Демпси.

Американскиот претседател Барак Обама е под се' поголем притисок да го сопре крвопролевањето во земјата.

„Десниот корпус во САД бара интервенција со убедување дека тако ќе биде заслабнат Иран како главен спонзор на сирискиот режим“, вели Хајко Вимен од берлинската фондација Наука и политика. „Од друга страна, постои притисок и од левицата, односно од либералната струја која бара интервенција за да се заштитат човековите права“.

US-Generalstabschef Martin Dempsey
Мартин ДемпсиФотографија: Getty Images

Џози Шашенк од британскиот тинк-тенк РУСИ тврди дека притисокот врз Обама е зголемен и затоа што силите на Асад почнаа да редат важни воени победи над бунтовниците. Но, од политичка гледна точна, воената интервенција, според него, не е изгледна.

Советот за безбедност, поради блокадата од Русија, сигурно нема да дозволи таква мисија, а едностраната мисија би можела да има несогледливи последици.

„Кога се ќе се собере, аргументите против интервенцијата се и натаму силни и тие ја одредуваат американската надворешна политика“, објаснува Вимен.

Се чека ли нова Сребреница?!

Вимен потсетува на масакрот во Сребреница, како иницијатор за американската интервенција во Босна и Херцеговина во 90/те години од минатиот век. „Такви нешта се случуваат ретко и неконтролирано. Тешко е да се каже дали нешто такво ќе се случи и кој масакр во морето масакри би можел да има таков ефект“.

Syrien Rebellen
Сириски бунтовнициФотографија: Reuters

Според Шашенк, евентуалната масовна и докажана употреба на хемиско оружје би можела да биде таков иницијатор за воена интервенција.

Но, дури и да се одлучи за воена акција, останува отворено прашањето, кому ќе помага Вашингтон? На која опозиција да и се понуди власта во уништената и поделена Сирија? Дилемата е иста како и при испораката на оружје на бунтовниците, дали западното оружје доаѓа во рацете на демократската опозиција или на радикалните исламисти? Извесно е дека на теренот се присутни и едните и другите, и дека не се поднесуваат едни со други.

Експертот Вимен вели дека состојбата на фронтот, особено на северот на земјата е непрегледна, дури и за добро информираниот Пентагон. Последиците од евентуалната интервенција никој не може да ги предвиди.