1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пентагон ќе продолжи со судските процеси

Елизабета Милошевска Фиданоска7 август 2008

Американското министерство за одбрана има намера да продолжи со судски процеси против осомничените за тероризам кои се наоѓаат во Гвантанамо. Најавата доаѓа по првата пресуда против поранешниот возач на Осама Бин Ладен.

https://p.dw.com/p/Erw7
Салим Хамдан во судницата - соочен е со доживотен затворФотографија: AP

Судскиот процес против Салим Хамдан, кој е виновен за соучество во тероризам, но ослободен од обвинувањето за заговор, важи како тест за планираното судење на главните осомничени за нападите од 11 септември 2001 година. Поротата од шест американски офицери донесе одлука по три дена советување. Во обвинението, Хамдан, меѓу другото, беше обвинет дека транспортирал оружје за Ал Каеда и покрај тоа што му бил познат терористичкиот карактер на организацијата. Но, според поротата, не било докажано трвдењето дека обвинетиот учествувал во планирање и реализација на атетнати. Колкава казна ќе добие Хамдан засега е отворено, но соочен е со доживотен затвор.

Реакциите на процесот се благо речено спротивставени

Процесот беше прв процес пред американски воен суд за воени злосторства од втората светска војна наваму. Тој се водеше пред една од т.н.н Воени комисии, основани од страна на американската влада за осомничените за тероризам на Гвантанамо. Борците за граѓански права сметаат дека комисиите се противуставни затоа што правата на обвинетите, во споредба со регуларните судови, се ограничени.

Соодветно на тоа и реакциите по пресудата за Хамдан се различни. Портпарол на Белата куќа говореше за фер процес, додека портпаролот на Пентагон, Џеф Морел соопшти: „Јасно се обидуваме да работиме на тоа да го намалиме бројот на затвореници на Гвантанамо, да иницираме процеси за тие луѓе да можат да излезат пред суд. Во истовреме, можеме да обезбедиме систем кој го штити американскиот народ од некои многу, многу опасни карактери што се наоѓаат таму.“

Одбраната на Хамдан ги стави под знак прашалник како пресудата, така и целиот систем. Адвокатот Мајкл Бериган целата постапка ја означи како фарса. Керол Кодроф од организацијата за човекови права „Хјуман Рајтс Воч“, пак, системот на воени комисии го оцени како неверојатно неправеден: „Системот на воени комисии на Гвантанамо е неверојатно нефер. Господин Хамдан не може и немаше фер судење во ваков систем, кого го карактеризираат изнудени докази, злоставување и тајност. “

Нејасна иднина

Иднината на Хамдан и на уште 270 други затвореници на Гвантанамо со ваквата пресуда не е и појасна. Американската влада си го задржува правото да ги држи лицата и натаму во затвор дури и ако добијат ослободителни пресуди од воените комисии, доколку тие, како што е соопштено „претставуваат опасност за светот“. Морел вчера изјави дека на Гвантанамо има значителен број затвореници кои веројатно нема да бидат ослободени никогаш.