1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Песимизам во фудбалскиот „рај“

Ф. Каулит, А. Пранге/ С. Недевски8 декември 2013

Организацијата на Светското првенство во фудбал во 2014 година ја засенија бројни афери и несреќи. Фрустрациите на бразилските домаќини, но и на Светската фудбалска федерација (ФИФА) се огромни.

https://p.dw.com/p/1AUzk
Фотографија: VANDERLEI ALMEIDA/AFP/Getty Images

Во бразилскиот тропски „рај“ нема ни трага ни глас од хармонија. Проблемите со изградба на стадионите не се единствена работа која ги мачи домаќините. На брегот на Атланскиот океан овие денови може да се видат голем број загрижени лица.

„Владее клима на недоверба помеѓу бразилската влада и ФИФА“, вели за ДВ бразилскиот спортски новинар Јука Кфури. Како пример го наведува неодамнешното несогласување околу инвестицијата во телекомуникацијата на плажата во Кошта до Сауипе. Бразилската влада не знаеше дека треба да ги покрие трошоците на ТВ-преносите за извлекување на групите. Сигналот се пренесуваше низ целиот свет, а трошоците не беа мали. На крајот ФИФА ја покри сметката.

Brasilien Arena Sao Paulo Itaquerao Einsturz
Фотографија: Miguel Schincariol/AFP/Getty Images

Песимистични прогнози

Колумнистот на бразилскиот дневен весник „Фолја де Сао Паоло“ не е многу оптимистичен: „Изгледа дека на ФИФА ѝ е жал што правото на домаќин му го додели на Бразил.“ Кфури додава: „Ако се повторат масовните демонстрации како за време на Купот на конфедерации, а јас верувам дека тоа ќе се случи, Сеп Блатер (претседателот на ФИФА) навистина ќе се покае поради тоа!“
Грижите не се неоправдани. Од 12 стадиони на кои би требало да се играат натпреварите на СП, досега се готови само шест. Позитивни примери се Маракана во Рио де Женеиро и стадионите во Бело Хоризонте, Форталеза, Салвадор, Рецифе и Бразилија. Веќе сега може да се предвиди дека до 5 јануари 2014. (кога ФИФА официјално планира да ги стави во употреба) сите стадиони нема да бидат изградени.

Пред десетина дена во Сао Паоло, токму на стадионот „Итакуаеро“, на кој треба да се одржи церемонијата на отворање на СП, се случи трагична несреќа. Еден кран се обиде да подигне метална ограда тешка 500 тони и се урна. Двајца работници загинаа. Делумно се оштетени и покривната конструкција, односно трибините. Наводно, арената сепак ќе биде готова до првиот напревар, ветија шефот на ФИФА Сеп Блатер и бразилскиот министер за спорт Алдо Ребело.

Costa do Sauipe WM Gruppenauslosung, 04.12.2013
Фотографија: Reuters

Одложени инфраструктурните проекти

Изградбата на стадиони за СП представува големо оптоварување за државната благајна, односно за даночните обврзници. Според наводите на Министерството за спорт на Бразил, вкупните трошоци во меѓувреме пораснале на 2,6 милијарди евра. Тоа е за една милијарда повеќе од пресметката од 2010 година. На друга страна се запрени 50 проекти кои требаше да ја подобрат стапката за урбана мобилност.

Нови (брзи) патишта, изградба и модернизација на аеродроми, брзи и подобри водни сообраќајници во бразилските метрополи и вложување во јавната безбедност - сите овие „придружни“ мерки со СП требаа да го унапредат економскиот развој на Бразил, кој е на пат да стане една од водечките светски економии. Но пари за сите тие мерки нема. Планираните трошоци од 3,5 милијарди евра во меѓувреме се „стопија“ на 2,2 милијарди.

„Заблуда е дека големите светски манифестации автоматски влијаат и на модернизација на градската инфраструктура“, тврди архитектот Валтер Калдана. „Мега-случувањата се атрактивни само за градовите како што е Барселона, тоа се градови кои веќе имаат изградени планови за конкретни инфраструктурни проекти. Големите случувања тогаш делуваат како катализатори“, објаснува нашиот соговорник.