1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Песните на Маџиров се како импресионистички слики“

НЦЦ/ Превод: З.Јордановски6 декември 2012

„Писатели од Македонија има малку и одвај некој ја познава македонската култура. Шанса за таа подобро да се запознае нуди читањето песни од Никола Маџиров“, пишува „Ноје цирхер цајтунг“ во фељтон посветен на овој поет.

https://p.dw.com/p/16wG6
Фотографија: DW

Во лично интонираниот текст на Јан Конефке авторот пренесува сеќавања на средбите, дружењето и разговорите со Маџиров во неколку пригоди, но ги проткајува и сопствените оценки за поезијата на поетот од Македонија. „Стиховите на Маџиров (фото горе н.з.), кои тој ги прочита со ненаметлива сериозност, ми оставија длабок впечаток. Тоа беа поеми на еден млад човек кој себе си се смета за граѓанин на светот, школуван на меѓународната поезија, која ја запознал и преку својата работа како преведувач“.

Во прилогот се цитирани и зборовите на полскиот поет Адам Загајевски за неговиот помлад колега од Македонија: „Песните на Маџиров се како импресионистички слики: полни со силни, енергични потези, се чини како да произлегуваат од имагинацијата и веднаш се враќаат кон неа, како животни кои се појавуваат во светлината на фаровите на некој автомобил“. Авторот на прилогот Јан Кафке овде се надоврзува: „Описот содржи нешто парадоксално, но таквата противречност е нагласена карактеристика на тие стихови: впечатливи и сепак прикриени, силни и истовремено кревки, во потрага, претпазливо, допирајќи, и, и покрај тоа, со сјајен интензитет. (...)

Тие стихови навистина ретко зборуваат за разурнувачката најнова историја (...), оти поетот знае дека поезијата не го менува светот, туку создава некој свет. Но противречниот лексикон на неговата лирика, напнатоста меѓу традиционалниот наплив на чувства, кој не се воздржува ни од големи гестови, ниту од големи зборови, и лаконската трезвеност, разликата меѓу елементарно поетичното (природа, ѕвездено небо и еони) и елементарно баналното (сателитски ентени, конзерви, копчиња од пижама) рефлектираат еден културен простор, кој и самиот е растргнат и несигурен, во кој ’мртвите се погребуваат со главата кон исток, додека живите ги вртат главите кон запад‘ (Маџиров). Неговата лирика изобилува со честопати вчудовидувачки нови споредбени метафори, кои понекогаш дејствуваат малку прашливо, покажува голема сетилност, се движи во алогички до надреалистички секвенци“, се вели, покрај другото, во текстот на „Ноје цирхер цајтунг“, посветен на современиот македонски поет Никола Маџиров.