1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пет години од смртта на Тоше Проески

БГ/макфакс16 октомври 2012

Македонскиот пејач загина на 16 октомври 2007 година во сообраќајна несреќа на автопатот Загреб - Липовац, кај местото Нова Градишка во Република Хрватска, на возраст од 26 години.

https://p.dw.com/p/16QcK
Фотографија: Macedonian Information Agency

Во моментот на несреќата, Тоше Проески се наоѓал на совозачкото седиште во возилото Фолксваген Туарег, кое со голема брзина удрило во приколка на камионот и потоа во заштитната ограда на автопатот.

Останатите двајца патници - возачот Ѓорѓе Георгиевски помина со потешки, додека неговата менаџерка Лилјана Петровиќ со полесни повреди, но и двајцата беа надвор од животна опасност. Според лекарскиот извештај, Проески починал на лице место.

Денеска, на пет годишнината од смртта на Проески, на спортската арена „Филип Втори" ќе се одржи музички и спортски спектакл, соопшти Фудбалската федерација на Македонија. Во чест на Тоше Проески, кој беше редовен поддржувач на секој спортски подвиг на македонските спортисти, а кој воедно на Македонија и’ ја подари и официјалната навивачка химна „Македонија навива за вас", во арената „Филип Втори" ќе биде одржан своевиден спектакл, во рамките на квалификацискиот натпревар кој ќе се одигра помеѓу македонската репрезентација и репрезентацијата на Србија. Според информациите соопштени од страна на ФФМ, церемонијата ќе започне во 19 часот, а истата ќе се состои од настапите на познати македонски ѕвезди, како што се Наум Петрески, Ламбе Алабаковски и други македонски уметници, а ќе се пуштаат и неговите најголеми хитови.

Петгодишнината од смртта на Проески ќе биде одбележана и со неколку други настани. Шеснаесетте македонски маратонци, кои пред неколку дена тргнаа од Нова Градишка, утре ќе пристигнат на неговото вечно почивалиште во Крушево. Во центарот на Прилеп, до Домот на културата „Марко Цепенков“, ќе биде откриен и мозаик со ликот на Тоше. Македонската телевизија ќе се емитува и целодневна програма посветена на Тоше Проески, насловена како „Во срце засекогаш", а истата ќе ја води Игор Џамбазов.