1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Печалбарите-спасители на македонското стопанство!?

6 јануари 2010

Во Македонија најмалку 150 илјади семејства добиваат редовна финансиска помош од нивните роднини во странство. Приватните девизни трансфери достигнаа милјарда и четиристотини илјади евра, што е поткрепа за економијата.

https://p.dw.com/p/LLNB
Парите заработени во странство-помош за татковинатаФотографија: ullstein bild - Schöning

Владимир е млад семеен човек кој има работа, но не заработува доволно за да го прехрани неговото повеќечлено семејство. Дупката во домашниот буџет ја пополнува со парите што редовно му ги испраќа неговиот брат кој живее и работи во Австралија.

“Ги трансферира на сметка во банка и јас на тој начин всушност функционирам. Трошоците се многу големи. Струја, телефон, интернет. Храната е поскапена за 200 проценти“.

Овој пример не е единстевен. Во Македонија најмалку 150 илјади семејства добиваат редовна финансиска помош од нивните роднини во странство. Приватните девизни трансфери достигнаа милјарда и четиристотини илјади евра, што е значителна сума за стабилноста на македонската економија.

“Тие приватни трансфери покриваа до скоро 80 до 90 проценти од трговскиот дефицит што го создава македонската економија. За стабилноста на девизниот курс многу е важно како се движат овие трансфери“, изјави за Дојче веле, гувернерот на Централната банка, Петар Гошев.

Зголемен износот на паричните трансфери од странство

Истражувањата покажуваат дека во последниве петнаесет години износот на приватни парични трансфери од странство се зголемил за повеќе од 23 пати. Капиталот од приватни трансфери од странство за истиот период е речиси трипати поголем од нивото на директни странски инвестиции. Во 2009 обемот на девизен прилив по овој основ е зголемен за 16 проценти.

Leeres Portemonnaie
Многумина во Македонија не можат без помошта од роднините од странствоФотографија: picture-alliance/dpa

“Наспроти сета криза и нашите очекувања и проекции, приватните трансфери пораснаа за 16 проценти, што е фантастично добро“, вели Гошев.

Аналитичарите растот во кризната 2009 го толкуваат на повеќе начини. Професорот Ванчо Узунов за Дојче веле објаснува.

“Бидејќи и во развиените земји има криза, нашинците добија подолги одмори, решија тој период да го минат во Македонија. Многу од нив, бидејќи беа дојдени на подолго време, решија да направат свадба, да доградат куќа да отворан бизнис. Поради тоа, токму во кризна година имаме уште повеќе пораст на тие дознаки од странство“.

Ништо без помошта од странство

Владимир е благодарен на помошта од странство без која не би можело нормално да функцира неговото семејство

“Можам месец-два. Потоа ќе треба да позајмам пари од некаде, но долгорочно сум блокиран без парите од странство. Затоа, еве ја користам оваа прилика да изразам благодарност до брат ми кој живее во Австралија“.

Аналитичарите велат дека наместо на странските инвеститори, властите треба да се фокусираат на македонсите печалбари и да се обидат да ги стимулираат уште повеќе да вложуваат во татковината. Според проценките, бројот на македонски мигранти во светот се движи меѓу 400 и 500 илјади. Само една третина од нив испраќаат пари дома.

Автор: Горан Петрески

Редактор: Жана Ацеска