1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Печалбари од сите профили заминуваат од Македонија

23 февруари 2012

Канада, Австралија, работа на брод ... За иселување од Македонија се’ почесто аплицираат високобразовани луѓе во најзрелите години подготвени да остават се’ зад себе.

https://p.dw.com/p/147yU
Фотографија: Fotolia/Abdone

Напуштањето на татковината веќе не е привилегија на луѓето со специфични барани струки и сон на армијата невработени од Македонија. На заминување во странство се одлучуваат се’ повеќе високообразовани луѓе од различни профили. Канада, Автстралија, Нов Зеланд, работа на брод. За работно место и за иселеничка виза аплицираат не само млади, туку и повозрасни луѓе во најпродуктивните години.

Одлуката за заминување не е лесна

Тони кој во Скопје работеше во фирма за компјутери замунува во Шведска да вози камион. Филозофот со диплома, Петар, кој се обиде на повеќе работни места, бара работа на брод. Дејан, по струка социолог, ја напушта работата во едно училиште и со сопругата и едногодишната ќерка заминува за Канада.

„Не е лесен чекор. Тоа е една од најтешките одлуки која ја донесовме заедно со сопругата. Решивме да се обидеме, да си ја испробаме среќата, како се живее таму. Ако со еден збор треба да кажам кој е мотивот тоа е сигурноста“, објаснува Дејан.

Mazedonien Land und Leute Bus Terminal in Skopje
Од земјата не заминуваат само младите туку и високообразован кадар во најпродуктивните годиниФотографија: Petr Stojanovski

Петар вели: „Во Македонија факултетската диплома не ми помогна да најдам соодветна работа. Работев повеќе работи, библиотека, во новинарство, во услужен сектор, но најголемата плата што сум ја добил е 300 евра. На брод се заработува од 1.500 и 2.000 долари нагоре во зависност од позицијата. Противаргументи за заминување е разделбата со семејството, но, тоа е времено“, вели Петар.

Финансискиот мотив најважен

Дејан и Петар се подготвени да остават се’ зад себе. Дипломите, кариерите што ги почнале, искуствата што ги стекнале и да почнат од нула да создаваат нов дом таму некаде преку океанот.

„Јас од работа не сум се срамел никогаш. Финансискиот мотив ми е најбитен така што го барам начинот како на чесен начин за најкратко време да заработам најмногу пари“, вели Петар.

Дејан се надоврзува: „Во Македонија е убаво да се живее, но, ако си пробивен, одреден тип на карактер, скроен за да успееш. Јас не сум таков човек и се надевам дека одењето во Канада во мене ќе го разбуди токму тој инстинкт. Сам да си ги создавам шансите“.

Weltreise Symbolbild
На печалба во прекуокеанските земјиФотографија: Fotolia/Ewe Degiampietro

Во Канада и Австралија по неколку стотици Македонци годишно

Според канадското биро за државјанство и имиграција лани 186 македонски државјани добиле иселенички визи. Во последниве десет години неколку стотици граѓани секоја година добиваат статус за легален перманентен престој во Канада. Најголема е бројката во 2003 година, 635 македонски граѓани тогаш добиле право да се иселат во Канада.

Слични се бројките и за другиот крај на светот. За само шест месеци, од јуни лани до сега, 256 Македонци се преселиле во Австралија, покажуваат податоците од Австралиското министерство за имиграција. Повеќе од 1.500 македонски државјани од туристички или професионални потреби ја посетиле Австралија, а околу 120 студенти од Македонија со студентски визи ќе го продолжат своето образование таму. Прилично актуелна последниве години е и работата на брод. Ниту една институција не води точна евиденција колку луѓе од Македонија работат на бродови, но според упатените и во овој случај станува збор за повеќе стотици, главно млади луѓе.

Автор: Горан Петрески

Редактор: Александра Трајковска