1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пинг - понг политика што води кон федерализација!?

Костадин Делимитов20 ноември 2012

Експертите во Македонија предупредуваат - последниот случај со истакнувањето на албанското знаме од страна на ДУИ во кичевско може да ги заостри меѓуетничките односи. Вината за тензиите е кај двата коалициони партнери.

https://p.dw.com/p/16mA8
Фотографија: DW

Училишните табли во Чаир, случајот Слупчане, законот за бранители и како последно, развиореното албанско знаме на 30 метарски јарбол во кичевско: Тензиите во владината коалиција добиваат на интензитет, а незаконските постапки пред се‘ на албанскиот партнер во владата, ДУИ, сериозно ги загрозуваат меѓуетничките односи во земјата, предупредуваат дел од експертите. Аналитичарот Јове Кекеновски смета дека провокациите од страна на коалициониот партнер на ВМРО ДПМНЕ ќе продолжат. Голема вина за актуелните случувања тој гледа и во постапките на премиерот Никола Груевски:

„Тоа е резултат на она што се случи во Слупчане, односно резултат на тогашното молчење на премиерот, би рекол на некој начин непремиерско однесување, кој што наместо тогаш да го разреши министерот и да не дозволи двојно командување, или двојно раководење со неговата Влада, тој едноставно играше на картата на популизмот и предложи закон за бранители кој дополнително ги иритира членовите на ДУИ. Иако сите знаеме дека постоеше закон за бранители, кој што само требаше да се спроведе во пракса. Меѓутоа, барајќи да ја санира штетата, тој отиде во една друга крајност, со што се очекуваше дека исто така во друга крајност ќе отиде и неговиот коалиционен партнер. Оттаму, излез од оваа ситуација јас гледам само во што е можно поскоро раскинување на оваа коалиција и распишување на нови избори“, смета Кекновски. 

Jove Kekenovski Professor an der Fakultät für Tourismus in Ohrid
Јове КекеновскиФотографија: Jove Kekenovski

Се игра со емоциите на граѓаните

Аналитичарот Мерсел Биљали пак во самиот чин не гледа провокација, туку како што вели, можеби само дел од прославата на 100 годишнината од албанското знаме:

„Но проблем е што двете партии цело време лансираат политика заснована на емоциите на граѓаните, националните и етнички емоции и тоа цело време ја троши енергијата без притоа да се решаваат круцијалните проблеми и прашања. Ваквата пинг - понг политика стана спирала, рутина која е субститут на сите промашувања што ги има Владата“.

Кекеновски предупредува од драстично непочитување на уставните амандмани и институциите на системот што го загрозува и системот на државата:

„Не можеме да дозволиме ние во државата во власта да имаме партија која се бори за федерализација, која се бори за сецесија, за еден дел на државата односно партија  која многу јавно во рамки на постојниот систем гради свој систем, кој прашање е на време кога ќе го обелодени, односно кога ќе го постави прашањето на федерализација“.

Prof.Dr. Mersel Bilalli FON Universität
Мерсел БиљаљиФотографија: Fatos Musliu

Биљали сепак не гледа опасност од ескалација: „Јас мислам дека нема опасност од ваквата политика бидејќи граѓаните станаа многу попаметни од политичарите, но практично ние сме сите во едно заложништво на едно конзервирање на прогресот, значи не се насетува никаков напредок, дека државата ќе се раздвижи во позитивна насока што е и елементарна логика за нејзиното постоење“, смета Биљали.

Законот е јасен

Во законот за употреба на знамињата е наведено дека албанското знаме не може да се истакнува во отсуство на државното, а доколку тоа биде случај треба да биде една третина од големината на државното. Од кабинетот на Али Ахмети велат дека знамето било само декоративно, по повод  претстојното одбележување на 100 годишнината од независноста на Албанија. Невладината „Разбуди се“ најави дека на празникот, Скопје ќе биде обоено со црвено - црни знамиња на Република Албанија, кои ќе бидат закачени на видни места.