1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пионери на иднината - градови ориентирани кон земјоделие

Сабине Елце/ Игор Смилевски4 ноември 2012

Проектот „Transition town“ прави обид да го промени начинот на живеење во градовите преку штедење на енергија и користење на храна од своето поднебје. Како функционира тоа во Германија?

https://p.dw.com/p/16bm1
Фотографија: Sabine Oelze

Водата никако не зоврива. Тоа воопшто не е чудно доколку се земе предвид дека тенџерето е преголемо за плинската рингла. Сепак, Корнелија Дорш постојано го поткрева капакот со цел да провери дали е веќе време да се стави зеленчукот. На нејзинот мал штанд поставен на плоштадот Сервациј во градот Минстер, таа подготвува супа која треба да биде готова за одприлика еден час. Тоа ќе биде бесплатен оброк за сите луѓе кои случајно ќе поминат покрај штандот. Зеленчукот за супата е земен од пазарот во близина. Продавачите го исфрлиле бидејќи започнал помалку да скапува. Всушност, целиот проект „Transition town“ се базира на употреба на овошје или зеленчук, кои иако исфрлени, сепак и понатаму може да се користат.

Супата на Корнелија е дел од кулинарската акција „Најади се“. Плоштадот Сервациј, е намерно одбран како локација бидејќи се наоѓа во центарот на градот и е преполн со луѓе.

Auf der Suche nach der postfossilen Stadt
Зеленчук за заедничката супаФотографија: Sabine Oelze

„Можеби оваа акција ќе ги поттикне луѓето да размислат пред да го исфралат ’расипаното’ овошје или зеленчук од своите домови. Тоа би бил добар почеток на една нова идеја“, вели Дорш и го поткрева капакот на тенџерето во кое водата веќе врие.

Сериозна тема

Иако бегството од градовите во Германија е вечно актуелна тема сепак се’ помалку Германци се рашаваат на таков чекор. На луѓето им се допаѓа животот во градовите па затоа проектот „Transition town“ се обидува трајно да ги ослободи урбаните простори од зависноста од нафта, но и да ја намали големата потрошувачка на електрична енергија. Акцијата „Најади се“ не претставува никаква револуција туку е мал чекор во вистинска насока. Во светот има вкупно 380 градови кои се нарекуваат „транзициски“ бидејќи во нив постојат вакви акции. Само во Германија има околу 40 иницијативи кои се обидуваат во целост да го променат т.н урбан начин на живеење. Интересно е тоа што денешните активисти не доаѓаат од лево-ориентирани, алтернативни кругови како што тоа било случај во 70-тите и 80-тите години од минатиот век. Напротив, тие се пред се’ студенти или пак луѓе со сосема вообичаени професии.

Целата иницијатива за ова движење потекнува од јужна Англија, 2006 година. Жителите на Тотнес биле првите во светот кои имале визија за транзициски град. Водачот на иницијативата Роб Хобкинс со книгата „Енергетски преврат“ поттикнал многу луѓе да го променат своето однесување. Во книгата тој дава „упатства за живот ориентиран кон иднината“.

Auf der Suche nach der postfossilen Stadt
Готвење во МинстерФотографија: Sabine Oelze

Германецот Георг Хајнрикс е поддржувач на идеите на Хобкинс. „Сакаме нашиот град да се прилагоди на ваквите иницијативи“, вели Хајнрикс кој е еден од основачите на проектот „Transition Town“ во Минстер. Според него градот треба да биде отпорен на кризи и способен да се одржи и во екстремни услови.

Овошје и зеленчук во градските паркови

Германското министерство за образование исто така развива проект наречен „Прилагодлив град“. Негова цел е да ги ослободи урбаните простори од зависноста од електрична енергија и храна. Но според мислењето на членовите на иницијативата „Тransition town“ политиката делува споро. Тие не сакаат да ја чекаат државната поддршка и сами се подготвуваат за животот што следи по исчезнувањето на нафтата.

„Луѓето мора да ги променат своите навики овде и сега и треба да бидат отворени за нови, алтернативини решенија“, вели Корнелија Дорш.

Проектот „Transition town“ предвидува и т.н „carsharing“ односно заедничко користење на автомобили, заедничко користење на апарати за домаќинство во едно соседство, создавање на помали кругови кои меѓусебно ќе разменуваат продукти и конечно самостојно производство на електрична енергија.

Auf der Suche nach der postfossilen Stadt
40 иницијативи ширум Германија за подобар градФотографија: Sabine Oelze

Во повеќе градови низ Германија се поактуелни се т.н „урбани бавчи“. Георг Хајнрикс кој веќе има своја градина на периферијата од градот, смета дека вакви бавчи со плодови кои ќе бидат достапни за сите жители, треба да се создаваат и по парковите во централното градско подрачје. Иако звучи помалку „откачено“ активистите кои се залагаат за транзициски градови, зборуваат и за повторно учење на некои подзаборавени вештини. Гео - eкологот Тилман Батшарт го користи терминот „reskilling“: „Тоа е одлична можност да се научат работи како на пример подготвување зимница или пак некои стари занаети. Мојот дедо знаеше да плете јажиња, вештина што денес е целосно заборавена“.

Предвесници на иднината

Тилман Батшарт исто така се обидува да пресмета колкаво количина на обновлива енергија би му била потребна на градот Минстер, за да може целосно да се ослободи од зависноста од нафта. Зимава, на Универзитетот во Минстер тој ќе организира т.н „peak oil seminar“.

„Терминот ’peak oil’ всушност ја подразбира состојбата во која иако производството на нафта го достигнува својот врв, сепак не може да ја задоволи зголемената побарувачка“, објаснува Батшарт. Тој се обидува да истражи кои слоеви од општеството би биле најпогодени од ваквата ситуација и што градот може да превземе за да ги ублажи последиците. За Батшарт, членовите на движењето „Transitoion town“ се предвесници на иднината. Според него овој проект ќе покаже дека луѓето се силни само во заедништво.