1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пиратите лансираа беспилотно летало врз Меркел

Б. Георгиевски/афп16 септември 2013

Од германската Партија на Пиратите признаа дека тие стојат зад лансирањето на беспилотното летало кое во неделата ги изненади присутните за време на предизборен митинг на канцеларката Меркел.

https://p.dw.com/p/19iGY
Фотографија: DW/M.Lütticke

Од Партијата на Пиратите соопштија дека беспилотното летало го лансирале во знак на протест поради владиниот став за „дроновите“ и контролата на граѓаните. Меркел делуваше како да се забавува кога во нејзина непосредна близина се урна леталото кое беше опремено и со камера.

„Сакавме Меркел и министерот за одбрана Томас Де Мезие да видат како изгледа да бидеш набљудуван од дрон“, соопшти заменикот претседател на Пиратите, Маркус Баренхоф.

„За нас, употребата на дроновите во рамките на безбедносната рамка на ЕУ е катастрофален тренд“, дополни тој.

Протестот исто така се однесуваше и на големиот скандал со развојот на европско беспилотно летало, кој пропадна иако за него беа потрошени 500 милиони евра. Во центарот на овој скандал беше токму германскиот министер за одбрана Де Мезие.

Целиот случај со беспилотното летало се одвиваше во неделата во Дрезден, за време на предизборен митинг на ЦДУ, партијата на Меркел. Откако полицијата го пронајде лицето кое управува со леталото го принуди да го спушти на земја, по што тоа атерираше, речиси, пред нозете на Меркел. 23-годишникот кој го управувал леталото со далечински управувач е уапсен.

Партијата на Партијата, која се залага за слободен интернет, избувна на германската политичка сцена пред неколку години и успеа да освои пратенички места во четири покраински парламенти. Но нејзината популарност меѓу граѓаните во последниот период е во пад, и во моментов анкетите покажуваат дека таа тешко ќе го достигне неопходниот цензус од пет проценти за влез во Бундестагот, на парламентарните избори закажани за в недела.