1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Писателите и соживотот во Македонија

11 октомври 2010

Има ли прозата во Македонија моќ да придонесува кон унапредувањето на меѓуетничките односи во земјата, да отвора нови визии и перспективи на соживотот?

https://p.dw.com/p/PZB1
Фотографија: DW/Toevski

Многупати досега е кажано дека литературата има моќ да влијае благородно врз стварноста, нудејќи можни примери и патокази за нејзино позитивно менување и хуманизирање. Но, македонската проза, сфатена во сета своја повеќејазична целина, во овој момент, сепак, не ја користи доволно таа своја способност и улога во доменот на меѓуетничките односи во земјата.

Традиција и дела за соживотот во македонската литература уште од 19-тиот век

Поетот, книжевен критичар, есеист и претседател на Друштвото на писатели на Македонија Раде Силјан укажува на традицијата на овој план: „Во македонската литература има традиција и дела, кои се посветени на соживотот меѓу Македонците и Албанците уште од 19 – тиот век, особено во делата на Григор Прличев ’Сердарот’ и ’Скендербег’.“

Schriftsteller Rade Siljan
Писателот Раде СилјанФотографија: DW/Toevski

Силјан, деновиве прогласен како добитник на највисоката државна награда „11 октомври“ за 2010 година за животно дело во културата, дополнува: „ Во современите процеси на македонската литература оваа тема, исто така, зазема важно место, особено во делата на Јован Павловски. Ова се однесува посебно на неговиот роман ’Град, години, луѓе’, во кој е обработена судбината на две тетовски семејства – едно македонско и едно албанско семејство.“

Јован Павловски за градењето на претставата за „Другиот“, како стожерна тема при третирањето на меѓунационалните односи во Тетово во романот „Град, години, луѓе“ ја има добиено неодамна престижната награда „Прозни мајстори“.

Блаже Миневски е дел од бранот млади, но веќе и европски афирмирани млади романсиери. Неговиот најнов расказ со наслов „Пристапната беседа на академикот Сисое“ е застапен во антологијата на најдобри европски раскази за 2011 година, објавена во САД, во издание на престижната издавачка куќа „Далкеј архив прес“. Како еден од оние книжевници кои го зафаќаат често мотивот на интеретничките релации, Миневски со следниве зборови се надоврзува на искажувањето на Силјан: „Кај голем број македонски автори, во оној дел што го следам, македонскиот книжевен простор и македонската книжевна инспирација не се разграничуваат во однос на националниот принцип. Ниту Цепенков не прави поделби меѓу Насрадин Оџа и Итар Пејо, како што ниту Стале Попов не ги дели Турците, Албанците и Македонците во Мариово низ оние времиња, кои се обработувани во неговите дела.“

Но, што се случува во овој период во оној дел од прозата во Македонија, пишуван на албански јазик?

Писателите – Албанци во Македонија речиси и да не го третираат соживотот како тема

Ресул Шабани од Скопје е еден од водечките албански поети во Македонија, реномиран прозен писател, драматург и преведувач. Тој ги има преведено водечките албански писатели на македонски јазик, вклучувајќи ги поемите и песните на Фатос Арапи, Џевахир Спахиу и Висар Жити. Шабани на албански има преведено редица клучни македонски поети и писатели, вклучувајќи ги Коста Рацин, Блаже Конески, Петре М. Андреески и Ефтим Клетников. Како добитник на повеќе значајни награди за својата значајна дејност и во Македонија и во Албанија, Ресул Шабани вели отворено: „Речиси да нема писател – Албанец кој го третира заедничкиот живот. Една од причините за ова е, можеби, тоа што во комунистичкиот режим тоа беше не како табу-тема, туку луѓето се плашеа. На пример, ако имаше лик – Македонец, тоа мораше да биде позитивен лик, зборувам за состојбата пред 1990-та година. Точно е дека соживотот е императив, но сепак, книжевноста не се пишува под диригирање, или според нарачка. Творецот така чувствува и така постапува. Што се однесува до другиот чин – преводот, со цел да се запознаеме повеќе, Албанците вложуваат напори во таа насока со преводи на дела на македонски автори, тие да бидат подостапни во албанската литература. Самиот јас сум превел можеби 20-тина наслови од македонската книжевност на албански, а речиси толку дела сум превел и од албанската книжевност на македонски јазик.“

Шабани додава: „Сепак, во одделни дела на албански автори во земјата се појавуваат и ликови на Македонци, но, најмалку да се среќаваат такви негативни ликови. Поточно, тоа не се случило до денес.“

Schriftsteller Blaze Minevski
Писателот Блаже МиневскиФотографија: DW/Toevski

Во овој контекст Миневски забележува критички: „Читајќи некои преводи од албански автори на македонски јазик можам да сфатам дека таму многу ретко ќе се најдат дела во кои што, на пример, меѓу Албанците ќе се појави Македонец – лик во некој од нивните романи, што ќе биде позитивен, или, кој што ќе носи кохезивна порака во тоа дело.“

Шабани посочува: „Јас ви гарантирам дека нема негативен лик – Македонец не само во албанскиот дел на литературата во Македонија, туку воопшто: колку што читам јас, нема ниту писател од Албанија, или од Косово, кај кои се појавува Македонец како негативен лик.“

Миневски смета: „Таму се работи за строго ограничени темина една национална, дури и романтичарска состојба, во која што се разбудуваат некакви национални и националистички духови. Фактички, тие не носат преплетување со она што значи македонска книжевност, туку се одвојуваат како тема, која што е општа, глобална, на пример, ’книжевна тема на албанскиот книевен корпус’. Јас не знам дали е така во сите дела кои се објавуваат на албански јазик во Македонија, меѓутоа од она што сум го прочитал не сум забележал дека таму се гради книжевна теза, која ќе претпоставува национална перспектива но во рамки на македонскиот мултиетнички простор.“

Единствената шанса за преживување е „хармонијата на разликите“

Меѓу оној помал број прозаисти – Албанци во земјата, кои пишуваат за меѓуетничките односи, цели две децении котира исклучително високо академикот и писател Луан Старова. Овој автор на 40-тина романи, преведуван на повеќе од 15 јазици во светот, ја пишува својата „Балканска сага“ – бележита едиција досега со 12 романи во неа. Со повеќе од три илјади страници во тие романи, во кои основната тематика се соживотот и мостовите меѓу културите и народите на Балканот и поодделно во Македонија.

Во едно од своите интервјуа, дадени за Дојче веле минатата година Старова, како несомнен бард на албанската интелигенција и литература во Македонија, вака говореше за својата „книжевна мисија“: „Верувам во тоа што е суштина, што претставува фундамент, во тоа што претставува мисија на таа моја ’Балканска сага’ – повеќе, би рекол, да ги помирува разликите од етничка, религиска провениенција, кои се релативно силни и во Македонија и коишто се честопати злоупотребувани отстрана. Моите книги се пишувани со соживотот. Во мојот роман ’Потрага по Елен Лејбовиц’, кој го доби Рациновото признание за 2009 година, е земено како парадигма едно албанско семејство, кое живее во Македонија и кое го минува својот живот во постојан соживот, во постојано проникнување со другите етникуми: со Македонците, со Турците. Мојата книжевна мисија, посочувањето на животот на тоа семејство, кадешто противречностите се помируваат на среќен начин и каде што од разликите се извлекуваат предности за соживотот, сметам дека тоа може да биде голем предизвик за еден автор. Мојот досегашен творечки живот им го посветив на ваквите романи, на творењето со ваквата цел во Македонија и пошироко на Балканот.“

Schriftsteller Luan Starova
Писателот и дипломат Луан СтароваФотографија: DW/Toevski

Старова нагласува: „Балканот е значително комплексен, посебно Македонија. Балканот не наложи една обединувачка парадигма, која отсекогаш недостигала, па и во времето на социјализмот. Таа парадигма не се постигнува ниту сега. Националистичките рецидиви се толку силни, неизживеаноста е толку силна, што Европа денес како да сака да ги изолира тие ’темни зони’, не сакајќи да направи посилен исчекор кон нив. Но, како Албанец, кој пишува и на македонски јазик, покрај на својот мајчин јазик, јас лично мислам дека перспективата е јасна, оти не може да има друга алтернатива: единствената шанса за преживување е ’хармонијата на разликите’, длабокото проникнување во вистината на ’Другиот’, на ’Другоста’.

Само низ тоа длабоко проникнување може да се дојде до заедничка вистина, која ќе биде значајна за животот, за соживотот на идните генерации во обединета Европа. Треба да се истрае на таа хармонија, на едно двојство, на тројство на култури, на цивилизации, на заедничките интереси. Тој заеднички капитал е многу значаен.“


Да се натпреваруваме како народи со светски параметри во културата – не да се пресметуваме како уметници вкопани со оружја во ровови

Blaze Minevski - Autor des Buches Gun Sight
Фотографија: DW

Писателот Миневски се надоврзува на ваквите искажувања на Старова: „Јас се надевам дека македонската книжевност, мислам, книжевноста што се создава во Македонија, на своите перспективи воопшто ќе гледа како на предизвик од онаа позната мисла на Гоце Делчев: како ’поле за културен натпревар меѓу народите’, односно, како уметност која што од овие наши состојби на напнати мултиетнички релации ќе успее да се подигне на рамниште на светски позната литература. Литература што ќе црпи богатство од тие свои различности, која ќе се натпреварува со светски параметри, а не со тоа во кој ров ќе влеземе како уметници и со каков калибар на оружје ќе се пресметуваме низ нашите дела.“

Старова на следниов начин ја заокружува својата филозофија на мултикултурализмот: „Честопати мото во моите книги е мислата дека ’постои само еден човек, а тоа се сите луѓе на светот’. Честопати како одредница сум ја имал и мислата на Монтескје: ’Французин сум случајно, а човек не сум случајно’. На човека му е својствено природно да бара позитиви излези, да не запаѓа во некаква ’кафкијанска’, мрачна и неизвесна перспектива. Се разбира дека можат да се изнајдат форми на граѓанска визија, во која националните разлики нема да бидат пречка, туку некоја предност. Јас верувам дека младите генерации имаат моќ и интелигенција, внесеност и силна култура, оти со сето тоа тие ќе умеат токму од тие разлики да извлечат предности за сите нас.“

Несомнено, мајсторите на прозата во земјата, но не само Македонците и Албанците, туку и сите што творат на останатите јазици на другите заедници, ќе имаат се повеќе и повеќе обврска да градат претстава за „Другиот“, за луѓето – нивни сограѓани од другите етникуми, во функција на мултикултуралните перспективи на земјата и на заедничкото живеење, без да ја одбегнуваат мисијата на градењето на ’хармонијата на разликите’ низ своето книжевно создавање.

Автор: Свето Тоевски

Редактор: Александра Трајковска