1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Писма на љубовта кон Македонија

26 февруари 2011

„Mazedonien” – со овој оригинален наслов обемната научно – патеписна книга на германскиот природонаучник Франц Теодор Дофлајн е објавена уште во 1921 година, како прв научен труд за животните и растенијата во Македонија.

https://p.dw.com/p/10CIq
Фотографија: Petr Stojanovski

Деновиве издавачката куќа „Македонска реч“ од Скопје објави за првпат нејзин македонски превод, бидејќи тоа е и исклучително историографско и документаристичко дело.

Публицистот и уредник во таа издавачка куќа Нове Цветановски вели дека оваа книга го отсликува на неверојатно убав начин животот на населението во Македонија во тој период.

„Со она што го опишува во етнографска смисла и посебно со пресликувањето на секојдневието на македонскиот селанец, таа дава слика за реалноста во тој период.“

Со очите на еден зоолог

Петер Рау од Катедрата за германски јазик на Филолошкиот факултет на Државниот универзитет во Скопје укажува дека Дофлајн не е етнолог, туку биолог и зоолог и тој во книгата не го опишува населението како категорија.

„Но, кога се опишуваат тие природни биотопи – живеалишта и региони, се опишуваат и околностите на луѓето: дека се тоа посебен народ, посебни обичаи, посебни менталитети. Тоа е многу јасно во таа книга. Веќе од насловот - „Македонија“ - е јасно дека се почитува македонскиот ентитет, тоа се декларира многу јасно“, вели Рау.

Тој нагласува: „Дофлајн беше под силен пропаганден притисок од страна на шестемина Бугари – членови на 'Македонската земска комисија’, во која имаше и 30 Германци и која беше оформена од тогашното Министерство за надворешни работи на Германија со задача да ја истражува и да ја проучува Македонија. Целта беше од собраните материјали да се објави енциклопедија, но поради избувнувањето на Првата светска војна, тоа не беше сторено. Но, и за Дофлајн како научник стана многу јасно дека тоа е едно подрачје, каде што населението има посебен идентитет, дека тоа не се ниту Срби, ниту Бугари. Значи, чувството дека постои посебен ентитет, народен идентитет на македонските простори, се разбудува кога авторите се на самото место, на теренот.“

Professor Peter Rau - Institut für Deutsche Sprache und Literatur an der Philologischen Fakultät in Skopje
Професорот Петер РауФотографија: DW/Toevski

Политичка тежина?

Предговорот кон книгата „Македонија“ го има напишано угледниот македонист, политички научник и публицист Волф Ошлис од Германија. Го прашавме: има ли тој труд не само културолошко, туку и одредено политичко значење, кога се работи за етничката засебност на Македонците во денешен контекст?

Ошлис вели: „Има, има, дури и во повеќе насоки. Првата се однесува на содржината на книгата: во неа се зборува за Македонија, за градовите во Македонија, за убавините на тие градови. Во книгата постои едно поглавје наречено ’Саканиот Велес’. Тоа не се само научни поглавја, туку и писма на љубовта на еден Германец кон Македонија!“

Љубов за еден град и народ

„Секоја ваква книга е огромен прилог кон определувањето, кон историската идентификација на Македонецот на балканските простори“, смета уредникот Цветановски.

Професорот Рау, пак, истакнува дека „Македонија“ на Теодор Дофлајн е дел на една долга традиција во научната мисла и публицистиката во Германија, кои, сепак, објективно и неутрално ги истражуваат и ги анализираат Македонија и идентитетот на македонскиот народ:

„Во текот на 19 - тиот век па се’ до денешен ден особено кај одделни германски автори се раѓа идејата дека во Европа треба повеќе да се почитува историски развиениот идентитет на еден народ, на тие словенски племиња, кои не се ниту Срби, ниту Бугари. Кои во текот на вековите се решиле да се соединат како македонски народ. Никој нема право да им го оспорува тоа што се соединиле како македонски народ.“

Wolf Oschlies
Волф Ошлис вели дека книгата нуди многу за животот во МакедонијаФотографија: DW

Тој заклучува: „ Книгата на Дофлајн треба да ја сфатиме како дополнителен, не како централен дел на ваквата традиција во Германија за почитување и научно профилирање на македонскиот народ и култура. Во трудот на Дофлајн Македонија со своите особености во смисла на регион се испрофилира како географски и како гео – културен простор “

Од „Македонска реч“ доаѓа најавата дека во 2012 година оваа куќа ќе издаде македонски превод и на студијата „Македонија: земја, население, историја“ на германскиот географ Леополд Шулце Јена, која по повеќе од 80 години е уште еден објективен приказ за Македонија.

Автор: Свето Тоевски

Редактор: Горан Чутаноски