1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пишаниот збор во функција на соживотот

Свето Тоевски17 октомври 2008

Секој од писателите и поетите треба да го понесе товарот на мултикултурализмот и да придонесе за градење на меѓуетничко разбирање и соработка

https://p.dw.com/p/FbeH
Фотографија: BilderBox

Дали литературата е во функција на заедничкиот живот во македонското мултиетничко и мултикултурно општество, дали таа ги зближува, или ги оддалечува луѓето? Дали писателите творат, но, вкопани во некакви свои, условно наречени, етнички гета, или работите се придвижуваат постапно во насока на разбирање и соработка? Овие прашања се индикатори за меѓуетничките односи и затоа Дојче Веле побара одговори на нив од поетите, писателите и експертите, кои живеат и творат во Македонија.

Емин Илхами, поет и преведувач од турската етничка заедница, вели: „Ние, писателите, се гледаме сеуште преку своите тесногради национални, верски, партиски и други бариери и ѕидови“.

Против етничките бариери и послушништвото кон политичките елити

Академик Катица Ќулафкова, која е и потпретседател на македонскиот и меѓународниот ПЕН – влијателна организација на писатели и интелектуалци, е на стојалиште: „Литературата врши секогаш хумана функција и би требало да ги поврзува поединците, народите и епохите. Еве, овој последниов проект што го имаме – ’Македонска книжевност’ – не е направен само за писателите и книгите од македонско етничко потекло. Ама, од друга страна, има писатели кои со своите екстремни, радикални ставови влијаат врз политичкиот развој“.

Димо Димчев, писател од влашката етничка заедница, смета: „Во Македонија не може да се каже дека литературата помага за зближување, за запознавање, или за соживот. Ние не само што стануваме гето, туку се претвораме и во нешто уште полошо од тоа.“

Васил Тоциновски, професор во Институтот за македонска литература на државниот универзитет во Скопје, во овој контекст истакнува: „Писателот, денес, се‘ повеќе сака да им се додвори на оние кои раководат со нив, писателите сакаат да бидат нивни послушници, не да ја остваруваат сопствената функција на соработка, зближување и разбирање меѓу државите и народите, односно, меѓу националните литератури.“

Незаинтересираност за влашката литература во Македонија

Според Димо Димчев, припадниците на овој етникум во Македонија, со години бараат книжевна афирмација на својот јазик: „Имаме 60 – 70 влашки писатели и поети, чии дела можеме да ги објавиме во една поголема антологија на влашката поезија. Меѓутоа, никој не пројавува интерес и сите се прават дека не гледаат оти постои влашка литература на овие простори.“

Џабир Ахмети, поет и преведувач од албанската етничка заедница, со оптимизам, но, и со критичка нота, вели: „Работите почнале да се придвижуваат полека кон подобро. Има издавачки куќи, кои се заинтересирани за албанските автори, но и македонската книжевност се преведува повеќе на албански јазик. Сепак, тоа се индивидуални иницијативи на издавачите и на одредени писатели и преведувачи. Државата, која ги има сите можности да ги менува состојбите, не презема сеуште некој чекор во овој правец.“

Наспроти се, дијалогот меѓу културите и етникумите во Македонија со посредство на литературата се остварува. Но, литературната комуникација и творењето, сепак, не секогаш успеваат да ги потиснат во втор план етноцентричните норми и вредности.