1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пишетсридер си оди, Винтеркорн доаѓа на чело на Фолксваген

Јудит Хартл8 ноември 2006

Смена во време на длабоко преструктуирање на концернот. Пишетсридер пред 7 години мораше да си замине и од БМВ.

https://p.dw.com/p/AeKJ
Фердинанд Пих и Бернд Пишетсридер
Фердинанд Пих и Бернд ПишетсридерФотографија: AP

Смена на врвот во најголемиот европски производител на автомобили Фолксваген: сосем ненадејно Бернд Пишетсридер го објави своето повлекување на крајот од годинава. Шпекулации за можно скорешно заминување на Пишетсридер имаше уште на почетокот од годинава. Тој тогаш велеше: “Како прво, на таква дискусија не и е место во јавноста, туку во Надзорниот одбор. Како второ, претседателот на Надзорниот одбор доктор Пих рече дека ќе се изјасни за продолжување на мојот договор. Значи, ве прашувам, зошто би требало да се повлечам?”

Во мај и навистина му беше продолжен договорот за натамошни пет години. Сега, сепак, на крајот од годинава Пишетсридер ќе го напушти концернот. Веќе е познат и неговиот наследник: 59-годишниот Мартин Винтеркорн, сегашен шеф на Ауди, марка на автомобили која му припаѓа на концернот Фолксваген Винтеркорн треба да биде именуван веќе на наредната седница на надзорниот одбор на 17-ти ноември.

Од Волфсбург се вели дека решението за смена на Пишетсридер е донесено во обострана согласност. Но, според информации на телевизијата АРД, тој се повлекува под притисок на Фердинанд Пих, човекот што претходно беше на чело на Фолксваген, кој го донесе Пишетсридер за свој наследник, но беше и негов најголем критичар. Пишетсридер се најде на удар на критики пред се’ поради задоцнетиот курс на санирање на концернот – плановите тој ги поднесе дури во февруари годинава. Но, досега не се знае ништо поконкретно околу тоа колкумина од 20-те илјади вработени ќе бидат погодени од мерките за санација, дали ќе мораат да работат повеќе за исти пари, дали ќе заработуваат помалку отколку досега или ќе останат без работа.

Мартин Винтеркорн се наоѓа пред тешка задача да го оспособи концернот. Него го сметаат како фанатик за квалитет и му се припишува добар однос кон вработените. Бернд Пишетсридер, кој во 1999-та година мораше да си замине од функцијата прв човек на БМВ, ни сега нема да остане без работа: тој е член на надзорни одбори на големи фирми, на пример кај Ауди, Дрезднер банк, Минхнер Рик и Метро.