1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пиштолџиите на свадбите се веселат - некој настрадува

Владимир Калински20 октомври 2013

Инцидент или повреда од заскитан куршум не е настан што може да ја изненади македонската јавност. Оваа појава е присутна повеќе години, а само во изминатиот период полицискиот билтен бележеше низа вакви случаи.

https://p.dw.com/p/1A2ks
Фотографија: Fotolia/Tiero

На балканските семејни веселби и свадби се практикува прославата да биде зачинета со пукање со огнено оружје во воздух. Тоа можеби и не би претставувало проблем доколку на пример се пука со ќорци, наместо со вистински куршуми, бидејќи често некои од заскитаните куршуми завршуваат во телата на некои несреќни граѓани. Само во изминативе два месеци во полицискиот билтен можеа да се забележат повеќе случаи од ваков тип:

Граѓанин завршил во болница погоден од заскитан куршум додека играл мал фудбал; човек погоден од залутани сачми додека ја наводнувал својата нива; повредено дете од заскитан куршум додека соседите прославувале и пукале со огнено оружје; оштетен овтомобил од заскитани куршуми и сл.

Несовесно однесување

Дали нелегалното оружје е клучно за овие инциденти, со оглед на тоа дека граѓаните кои легално поседуваат оружје, согласно законот треба да исполнат повеќе услови, како на пример да знаат да го употребуваат, да не се осудувани и секако да бидат ментално и физички здрави?

Ставот на Министерството за внатрешни работи е дека оваа појава не треба конкретно да се поврзува со легалното или нелегално оружје. Заталканоста на куршумите повеќе е поврзана со несовесноста на граѓаните, вели портпаролот на МВР, Иво Котевски:

„Појавата со залутани куршуми не се поврзува исклучиво со нелегално оружје, туку се поврзува со несовесно однесување на дел од граѓаните, спротивно на законите. Тие за жал не ги почитуваат апелите на МВР и непромислено ги доведуваат во опасност своите животи, животите на нивните блиски и на луѓето кои што не ги познаваат. Тие граѓани на несоодветен начин или прославуваат или го употребуваат оружјето што го поседуваат и за жал се случува да имаме и последици по здравјето на граѓаните.“

Претседателот на Балканскиот форум за безбедност, Благоја Марковски вели дека законот за оружје многу прецизно определува кој може да добие дозвола за поседување и носење на оружје, а таа стриктност значи дека тие лица треба да бидат психофизички здрави, да не се казнувани и со нешто да покажат дека се зрели, односно дека нема да ја злупотребат дозволата:

„Ако ваквите инциденти навистина се случуваат со луѓе што легално поседуваат оружје, тогаш нешто не е во ред со оние кои им ги издаваат ваквите дозволи, бидејќи направиле слаба проценка за личностите на кои им ја дале дозволата. Јас сум согласен дека вакви инциденти се случуваат и со легално оружје, но тука навистина треба да се води сметка на кој начин и според кои процедури, принципи и квалификации тие личности ги добиле дозволите за поседување на оружје. Но, сепак многу поголема опасност е нелегалното оружје, бидејќи тогаш не знаеме кој пукал, од каде дошол заталканиот куршум, не знаеме кон кого да го впериме прстот како виновник.“

Pistole Waffe Munition
Оружјето може да стимулира насилствоФотографија: Fotolia/Antoine REQUISTON

Потреба од поширока кампања

Во 2011. година беше создадена законска можност за граѓаните да го предадат или легализираат нелегалното оружје. Тогаш беа предадени само 26 парчиња оружје, биле поднесени 299 барања за легализација, а полицијата позитивно одговорила на 102.

„Тоа беше можност предвидена со закон и на граѓаните им се оставаше простор да го легализираат она оружје што може да го легализираат, се предвидуваше можност без санкции да го предадат оружјето што не сакаат да го легализираат или не можат да го поседуваат легално, а не потекнува од кривични дела“, објаснува Иво Котевски.

Благоја Марковски истакнува дека постои потреба за една поширока кампања организирана од МВР, имајќи во предвид дека големо количество на нелегално оружје се наоѓа во рацете на граѓаните:

„Потребна е таква кампања за неказнето ослободување на граѓаните од тоа нелегално оружје. Законот за оружје предвидуваше временски период од една година кога граѓаните можеа да го вратат нелегалното оружје неказнети, но немаше никаква кампања и прашање е колкав беше ефектот. За да се постигне добар резултат на овој план потребна е најширока кампања со вклученост на граѓанскиот сектор и другите државни институции за да се создаде свест за потребата за ослободување од тоа нелегално оружје на граѓаните.“

Пред неколку години УНДП излезе со проценки дека во Македонија има од 110 до 170 илјади сопственици на нелегално оружје, кои поседуваат најмалку едно парче.

Интернет страницата gunpolisy.org, хостирана од Универзитетот од Сиднеј, е интернационален билтен кој пренесува информации за превенција од повреди од огнено оружје. Проценките на организацијата покажуваат дека бројот на огнено оружје во Македонија, што легално и нелегално го поседуваат цивили, изнесува 256 илјади парчиња, и според тоа земјата е рангирана на 83 место во споредба со 178 земји во светот.

Повеќе анализи за ефектите на оружјето покажуваат дека самата присутност на оружјето ја зголемува агресивноста. Такви се заклучоците и на Леонард Берковиц, професор по психологија на Универзитетот во Висконзин, кој ќе истакне дека „Пиштолите не само што овозможуваат насилство, тие можат да го стимулираат. Прстот го потегнува чкрапалото, но и чкрапалото може да го повлече прстот.“