1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ПКК бара ослободување на Оџалан

БГ/миа26 април 2013

Военото крило на Курдската работничка партија соопшти дека еден од условите за разоружување на нејзините борци е и ослободување на лидерот Оџалан од турски затвор.

https://p.dw.com/p/18NaP
Фотографија: picture-alliance/dpa

Лидерот на военото крило на Курдската работничка партија (ПКК) Мурат Карајалан (на фотографијата горе) објави дека курдските бунтовници ќе почнат да се повлекуваат од Турција кон бази во северен Ирак на 8 мај во рамки на процес на мирно решавање на курдскиот конфликт. Повлекувањето на бунтовниците од ПКК се смета за еден од најважните моменти во процесот за мирно решавање на курдскиот проблем. Процесот почна кон крајот на 2012 година со преговорите меѓу турските власти и лидерот на ПКК Абдула Оџалан.

„Планот е повлекувањето да биде извршено постепено, во групи и целта е да биде завршен што е можно побрзо, изјави Карајалан на прес- конференција организирана во планината Кандил во Северен Ирак. Карајалан предупреди дека повлекувањето ќе биде итно запрено доколку бунтовниците бидат цел на операции на турската армија. Тој не посочи точен датум за завршување на процесот на повлекување. Мировниот процес меѓу турските власти и ПКК ќе се одвива во три фази. Првата фаза е повлекување на борците на ПКК. Втората фаза се уставни промени со кои се прифаќа постоењето и слободата на курдскиот народ. Третата фаза од процесот вклучува амнестија на сите членови на ПКК, вклучително и Оџалан. Се претпоставува дека бројот на курдските бунтовници на турска територија изнесува 2.000 лица. Кон нив се приклучуваат уште 2.500 бунтовници, кои се наоѓаат во бази на организацијата во планината Кандил.