1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ПКК се повлекува во северен Ирак

ЕМФ/дв8 мај 2013

Работничката партија на Курдистан (ПКК) денеска (08.05) треба да почне со повлекување од Турција во северен Ирак. Турската армија нема да интервенира. Се проценува дека ова е важен пресврт во деценискиот конфликт.

https://p.dw.com/p/18TrK
Фотографија: STRINGER/AFP/Getty Images

Основачот и неспорен лидер на ПКК Абдула Оџалан, кој е во затвор од 1999 година, на крајот на март повика на прекин на огнот и повлекување на неговите борци од Турција. Шефот на ПКК од крајот на минатата година од затвор преговара со турската тајна служба МИТ околу мирно завршување на конфликтот, во кој од 1984 година досега загинаа повеќе од 40 илјади луѓе. Повлекувањето на бунтовниците во соседен северен Ирак важи за одлучувачки чекор во напорите да се стави крај на деценискиот конфликт.

Првите трупи на ПКК за една недела би требало да стигнат во камповите за курдските бунтовници во северен Ирак, пренесува прокурдската новинска агенција Фират, повикувајќи се на соопштение на раководството на ПКК. Командантите нагласуваат дека повлекувањето на околу 2000 борци на ПКК од Турција ќе се одвива „плански и организирано“.

Турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган повеќепати нагласи дека турската армија нема да ги напаѓа бунтовниците додека се повлекуваат. Меѓутоа, вчера Ердоган критикуваше што курдските бутновници при повлекувањето не го положуваат и оружјето. ПКК сака да ја разгледа опцијата за полагање на оружјето дури откако ќе биде постигнат целосен договор со турската држава за разоружување на трупите.