1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Gingrich besiegt Romney

22 јануари 2012

Горчлив пораз на Мит Ромни на предизборите кај републиканците за кандидат за претседател на САД. На предизборите во Јужна Каролина Њут Гингрич изби на првото место.

https://p.dw.com/p/13nx2
Њут Гингрич славеше во Јужна КаролинаФотографија: REUTERS

Њут Гингрич навистина успеа - поранешниот спикер на Претставничкиот дом за една недела му го зема на Мит Ромни водството на предизборите во Јужна Каролина. Ромни, поранешен гувернер на сојузната држава Масачусетс, е на второ место, додека на третата позиција се најде Рик Санторум.

Гингрич во својот победнички говор се прикажа помирлив и им честиташе на сите конкуренти, вклучително и Мик Ромни. Тој е „добар пример за Америка - работи напорно, многу е успешен, знае да организира и заврши извонредна работа (како организатор на Олимписките игри во Солт Лејк Сити)“, рече Гингрич за Ромни. Изјава која звучи сосема поинаку од она што пред изборите во Јужна Каролина Гингрич го кажа за Ромни, кого жестоко го критикуваше поради минатото.

Гингрич како контраст на Обама

Гингрич изјави дека актуелниот американски претседател Барак Обама во својот втор мандат би бил уште „порадикален“ и Америка на Обама ја окарактеризира како „секуларен, бирократски, социјалистички систем според европски стил“, која е спротивност на историска Америка, која „им дала шанси на луѓе со различно потекло повеќе од која било друга земја“.

Newt Gingrich South Carolina
Њут Гингрич со сопругата КалистаФотографија: dapd

Гингрич ја насочи својата изборна кампања сосема на Јужна Каролина. Тој во 1994 година со успех ги водеше републиканците на изборите за Конгресот и на демократите, во тоа време под претседателство на Бил Клинтон, успешно им го презеде мнозинството во Претставничкиот дом. Неговиот контроверзен стил на раководење, меѓутоа, четири години потоа доведe до тоа тој да мора да даде оставка на функцијата. Во републиканските раководни кругови има многу критика на сметка на 68-годишниот Гингрич и голема скепса во однос на шансите што тој би ги имал против Обама.

Трката продолжува

Победата на Њут Гингрич, по Рик Санторум во Ајова и Мит Ромни во Њу Хемпшир, го носи третиот кандидат на прва позиција. И дури и ако Гингрич преку социјалната мрежа Твитер уште вечерта од приврзаниците побара да му помогнат да победи во Флорида на 31 јануари, станува се‘ поневеројатно дека трката меѓу републиканците за кандидат за претседател ќе заврши таму. Мит Ромни изјави дека ќе има долги предизбори, а слична беше и изјавата на Рик Санторум.

Mitt Romney South Carolina
Мит Ромни најави долга борбаФотографија: REUTERS

Картите во Флорида наново ќе се мешаат. Оваа сојузна држава е поголема од државите каде досега имаше предизбори, населението е похетерогено и малку помалку конзервативно, што би можело да му биде од помош на либералниот Ромни.

Автор: Кристина Бергман / Елизабета Милошевска Фиданоска

Редактор: Александар Методијев