1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Победата против Иран во сенка на оставката на Маер

11 октомври 2004

Кепке иден тренер на голманите во германската фгудбалска репрезентација? Борусија Дортмунд со програма за финансиска консолидација. Нов сојузен тренер во скијачки скокови. Победа на М. Шумахер по три “посни трки” во формула 1. Злато за Рупрет, два нови светски рекорда на СП во пливање во кратки базени.

https://p.dw.com/p/Aem2
Воодушевен пречек од страна на иранските љубители на фудбалот: германскиот селектор Јирген Клинсман по пристигнувањето во Техеран
Воодушевен пречек од страна на иранските љубители на фудбалот: германскиот селектор Јирген Клинсман по пристигнувањето во ТехеранФотографија: AP

Фудбалската репрезентација на Германија не учествува во тековниот квалификационен циклус за наредното светско првенство на кое како земја-домаќин има право на директно учество, па затоа новиот стручен штаб ја корсти секоја можност за уигрување на нов тим кој по две години би можел да конкурира за највисок пласман. Во саботата Германците го победија Иран со 2 спрема нула. Самиот натпревар некако бргу падна во втор план – повеќе се зборува за изворедно срдечниот прием и огромното интересирање што го предизвика гостувањето на Германија кај љубителите на фудбалот во таа азиска земја и секако оставката на тренерот на голманите Сеп Маер. Инаку, германскиот тим, уште еднаш рекомпониран, со Леман на голот, со уште двајца дебитанти Хицлспергер од англискиот прволигаш Астон Вила и Мертезакер од Хановер, одигра солидно, цврсто во одбраната а победата ја донесоа Ернст со голот во првото и Брдариќ, кој ја затресе противничката мрежа во второто полувреме.

Доста прашина се крена околу оставката на 60-годишниот Сеп Маер, голман на репрезентацијата која во 1974-та година ја освои титулата светски првак, во меѓувреме тренер на голманите во Баерн Минхен и од 1988-ма година и во националниот тим. Маер изјави дека, цитат, “Леман може и да се обеси, но никогаш нема да биде број еден”, селекторот Јирген Клинсман тоа го оцени како нарушување на принципот на неутралност и по средбата со Маер, на која присуствувале и тренерот Јоахим Лев и менаџерот на репрезентацијата Оливер Бирхоф, Маер објави повлекување од функцијата. “Едноставно не можеше понатаму да оди како што беше досега. Ние, се разбира, му објаснивме како тоа се го замислуваме во иднина. Од своја страна тој рече дека не може поинаку оти едноставно е многу поврзан со Оливер Кан” – објасни менаџерот на германскиот национален тим Оливер Бирхоф. Маер, кој по натпреварот со Австрија еднаш веќе беше опоменат, останува на своето тврдење: “Не реков ништо неправедно. Кан е број еден”.

Германската фудбалска легенда Франц Бекенбауер во врска со спорот укажа: “Во прашање со обата играча – Кан и Леман. Мора да се рече дека најголемиот број напади произлегоа од Леман. Тој се обиде да провоцира и тоа напросто не е спортски. Тоа мора јасно да се каже. Тој мора да се воздржи , но работа е на спортското раководство да му го предочи дека така не може. Проблем не е тренерот на голманите, туку проблем се двајцата голмани”.

Клинсман го посакува како нов тренер на голманите Андреас Кепке, кој беше голман на репрезентацијата што стана европски првак во 1996-та година, играјќи тогаш заедно со Клинсман и Бирхоф. Кепке веќе изрази подготвеност да ја прифати задачата.

Борусија (Д) на курс на финансиска консолидација

Во германскиот фудбал претходната недела многу се зборуваше и за Борусија Дортмунд, но не поради некакви спортски успеси, туку поради рекордниот дефицит што воопшто го остварил некој германски тим досега. За таквиот развој клупското раководство, пред се‘ претседателот Герхард Нибаум и менаџерот Михаел Маер, причината ја гледа во навистина големиот пех со бескрајна низа од повреди на клучните играчи во минатата натпреварувачка сезона, што битно влијаеше и врз спортските резултати. “Но, не сакам да ги разубавувам работите, оти секако и по некоја наша погрешна проценка доведе до оваа загуба. Јас овде не сакам да оставам впечаток дека се‘ е само прашање на виша сила. Кога се презентира таква загуба, тогаш сметам дека секако е нужна и самокритика” – рече претседателот Нибаум.

Вкупните долгови на клубот изнесуваат 118 милиони евра. Обидите за финансиска консолидација траат, зголемен е капиталот – Борусија е единствениот германски клуб нотиран на берзата – со што е обезбедена ликвидност, но досега нема одговор на барањата за кредит од еден британски финансиски посредник за да може клубот да си го откупи стадионот и да се ослободи со тоа од обврски од 15 милиони ерва колку што чини годишниот лизинг. Клубот и тимот работат трудољубиво, а можат и да живеаат скромно, вели Нибаум: “Тоа служи за консолидација на претпријатието Борусија Дортмунд. Во основа, тоа е новиот реализам што сакаме да го спроведеме”. За ваквиот курс и нема алтернатива: “Раководството е убедено дека ќе ни успее да направиме пресврт. Притоа имаме амбиции тој преврт да го направиме на спортски добро ниво” – вели Нибаум. Тоа од клубот го очекуваат и неговите акционери, кои имаа големи надежи, а загубија многу пари. На тоа, велат акционерите, мора да му се стави крај.

Нов сојузен тренер во скијачки скокови

Со проблеми од кадровска природа деновиве се расправа и германската репрезентација во скијачки скокови. Минатата сезона донесе разочарувачки резултати, не беше демонстриран напредок ни на Летното гран-при и тренерот Волфганг Штаерт по само една година мораше да го напушти кормилото. Нов шеф на стручниот штаб е Петер Ровајн, што за некои репрезентативци, дојде неочекувано: “Никој во моментов не сметаше на такво решение” – вели Михаел Урман. Не останува многу време, мора нормално да се тренира за да се дојде до добри резултати, рече Мартин Шмит, не сакајќи директно да заземе став.

Петер Ровајн, за разлика од претходникот, полага врз научни методи на тренинг: “Мора да направиме нова слика на состојбата за да решиме што треба понатаму да правиме, а што не. Тоа ќе бара време од една до две недели. Тогаш ќе го најдеме нашиот пат по кој ќе чекориме во новата сезона”. До почетокот на новата сезона на Ровајн му остануваат само уште седум недели, а 4 месеци до нејзината кулминација - светското првенство што ќе се одржи во Германија. Тогаш ќе се види дали смената на тренерот донесе плод.

13-та победа во сезоната на М. Шумахер

По две втори и едно 12-то место во последните три трки, повторно триумф на светскиот првак Михаел Шумахер: На Големата награда на Јапонија во автомобилизан формула еден постариот Шумахер ја постигна 13-тата победа во оваа сезона и 83-та во кариерата, оставајќи ги зад себе на патеката во Сузука помладиот брат Ралф и третопласираниот Џенсон Батон. Второто место е одличен резултат за Ралф Шумахер во втората трка по 14-неделната пауза поради повреда.

Довициозо светски првак на две трки пред крајот

18-годишниот Италијанец Андреа Довициозо со второто место на трката за Големата награда на Малезија ја освои својата прва титула светски првак во мотоцклизам во категоријата до 125 кубни сантиметри и тоа на две натпреварувања пред крајот на сезоната.

СП во пливање: злато за Рупрет, два светски рекорда

Германскиот пливач Томас Рупрет го освои златниот медал во трката на 50 метри грбно на светското првенство во кратки базени, што се одржува во американскиот град Индијанаполис. Стив Телоке беше шести во финалната трка во истата дисциплина.

На првенството се постигнати и два светски рекорда: првиот го оствари австралиската женска штафета 4 пати по 100 метри мешано, пливајќи за 83 стотинки побрзо од досегашниот рекорд на штафетата на Шведска. Светски рекордер стана и Американецот Иан Крукер: во финалето 50 метри пеперутка исплива за 3 стоти делови од секундата побрзо од досегашниот рекорд на Австралиецот Хјуџил.