1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Победа над Литванија за мирен пат преку Атлантикот

Златко Калински18 јуни 2012

Македонските кошаркари ја завршија мини-турнејата во Литванија со пораз од Русија и победа над домаќинот Литванија. Подготовките за квалификациите за ЛОИ продолжуваат во Скопје.

https://p.dw.com/p/15Gxo
Фотографија: DW

Македонската кошаркарска селекција, некомплетна, без најискусните Антиќ, Илиевски, Гечевски и Мекејлеб, имаше различни изданија во првите два подготвителни натпревари во Литванија: резултатска недореченост против Зборнаја, предводена од Кириленко со 80:61 и сосема поинакво, победничко лице, против комплетните Литванци со 78:74 кошеви. Влатко Илиевски, кој случувањата ги следеше од Скопје, е пријатно изненаден:

„Можам да кажам дека позитивно сум изненаден од тоа што нашите момчиња сега го покажаа во Литванија. Дури и во тој натпревар против Русија, кој го загубивме, имаше повеќе позитивни моменти во играта. Многу играчи покажаа дека се веќе зрели во играта, да го понесат тој товар и да станат лидери во екипата.“

Која е причината поради која Илиевски остана во Скопје - санирање на повредата или стратегија на стручниот штаб?

„Првиот и најважниот проблем е повредата и нејзиното санирање. Јас од 5 мај не сум во тренажен процес, што значи дека еден месец морав да мирувам и бидејќи само пред неколку дена почнав да тренирам, беше бесмислено да патувам во Литванија.“

Турнир со многу непознаници во Каракас

Македонската репрезентација ја чека пат преку Атлантикот, на тежок и по многу нешта специфичен турнир. Само три од 12-те селекции во Каракас ќе изборат место на Олимпијадата:

Eurobasket 2011 Viertelfinalespiel Mazedonien Litauen
Фотографија: dapd

„Ќе биде многу тешко, бидејќи условите особено временските се различни. Има многу непознаници во смисол многу репрезентации со кои првпат ќе се среќаваме. На пример, таква е Ангола, но и Нов Зеланд, кој е многу незгоден противник. Со нив игравме минатата година на турнирот во Скопје и едвај ги победивме. Во секој случај ќе мораме да бидеме максимално подготвени и концентрирани за тие два натпревари, кои ќе бидат клучни во почетната фаза од квалификациите.“

Македонија може против секого

Влатко Илиевски клупската сезона ја заврши во дресот на Кубан, третопласирана екипа во рускиот шампионат. И во следната сезона ќе игра за Кубан. Но, во моментов тој е фокусиран на олимпискиот предизвик:

„Отсекогаш ние кошаркарски растевме заедно, според возраста сме приближно врсници. Со доаѓањето на Бо Мекејлеб оваа репрезентација едноставно стана страв и трепет за сите европски селекции. Никој веќе Македонија не може да ја гледа со други очи освен како репрезентација која може да ги помрси сметките на сите, дури и на најдобрите екипи од Европа.“

Flash-Galerie Eurobasket 2011 Viertelfinalespiel Mazedonien Litauen
Со доаѓањето на Бо Мекејлеб оваа репрезентација стана страв и трепет за сите европски селекции, вели ИлиевскиФотографија: dapd

Утре (19.06) репрезентацијата на отворен тренинг во Скопје ќе биде испратена од навивачите, а в среда (20.06) лета за Атланта, каде што ќе одигра неколку контролни натпревари со американски екипи.