1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Победа на Металург и големо реми на Вардар

ЕМФ/миа22 септември 2013

Македонскиот шампион Вардар одигра нерешено 29:29 против европскиот вицепрвак Барселона во првото коло од групата Ц во ракометната Лига на шампионите. Металург ја започна новата сезона во Лигата на шампиони со победа!

https://p.dw.com/p/19lmq
Фотографија: picture-alliance/dpa

Пред 7.000 гледачи во Скопје, Барселона се спасуваше од пораз. Во последната минута „Каталонците“ преку Никола Карабатиќ успеаја да изедначат на 29:29, а во последниот напад Вардар не успеа да реализира и да направи сензација. „Црвено-црните“ одлично го отворија натпреварот со водство од 7-3 во 8.минута, а Барселона првпат поведе со 11:10 во 16. минута. На полувремето гостите имаа плус 4 гола (19:15). Во средината на вториот дел Вардар изедначи на 23:23, а потоа до самиот финиш ниту една екипа немаше поголема предност од еден гол. Кај Вардар најефикасни беа Тимур Дибиров со 8 голови и Игор Карачиќ кој постигна 7. За гостите Сергеј Рутенка постигна 8 голови, а македонскиот репрезентативец Кирил Лазаров беше стрелец на 4, колку што реализираше и Никола Карабатиќ. Вардар следниот дуел од Лигата на шампионите го игра веќе в среда во Минск против Динамо.

За победа не е доволно само да се излезе со звучни имиња, туку треба да се одигра максимално во текот на сите 60 минути, рече капитенот на македонската ракометна репрзентација Кире Лазаров на прес-конференцијата по дуелот со Вардар.

„Знаевме дека не очекува тешка работа. Имавме добиен меч, но се опуштивме. Направивме многу грешки, а Вардар беше одличен, одигра компактно. Се работи за извонреден тим. Вечерва се докажа дека само со имиња не се добиват натпревари. Резултатот е причина за добро отрезнување. Знаеме што не‘ чека натаму и треба максимално да се бориме до крај“, изјави Лазаров.

Импресиониран од атмосферата во „Борис Трајковски“ беше гостинскиот тренер Хави Паскал:

„Тешко е да се игра во атмосфера како овде. Знаевме дека ќе биде тешко во Скопје. Имавме подеми и падови. Нашето вистинско лице го покажавме во втората половина на првиот дел и во првите 15 минути од второто полувреме. Другиот дел одигравме лошо и во одбрана и во напад. Но, треба да се каже дека не се работи само за Барселона, туку треба да се потенцира и Вардар кој има многу квалитетен состав“, изјави Паскал.

Металург со победа се враќа од гостувањето кај Тун

Македонскиот ракометен вицепрвак „Металург“ со победа ја започна новата сезона во Лигата на шампионите. На гостувањето во Берн, Металург го совлада швајцарскиот шампион „Вакер Тун“ со 23:22. Во првите 30 минути беше изедначено до самиот финиш, кога Металург направи серија од 4-0 за на пауза да оди со предност од 13:9. Македонскиот претставник продолжи сигурно и во вториот дел за во 39.минута да стигне и до 17:11 и промашен „зицер“ за плус 7. Швајцарската екипа се обидуваше во неколку наврати да ја намали разликата, која не падна под три голови, а Металург во 51.минута повторно имаше плус 6 гола (21:15). Во финишот на натпреварот ракометарите на Металург направија неколку грешки и му дозволија на Вакер Тун да го ублажи поразот од 18:23 до конечни 22:23. Најдобар на теренот беше голманот на Металург Дарко Станиќ со 18 одбрани, Наумче Мојсоски постигна 7, а Ренато Вугринец 6 голови.

На третиот натпревар од Ц групата во Лигата на шампиони ПСЖ и Динамо Минск се разделија со резултат 34:30.