1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Победа на партиите верни на Кремљ

8 декември 2003
https://p.dw.com/p/AcRo
Рускиот претседател Владимир Путин ќе може да ја гради својата реформска политика во наредната година врз основа на довербата на партиите верни на Кремљ. На парламентарните избори вчера победи Партијата "Единствена Русија" со голема предност пред комунистите. По пребројувањето на 82 насто од гласовите, на трето место е либерално демократската партија на националистот Владимир Жириновски, соопшти изутринава државната изборна комисија.
Според моменталните резултати, "Единствена Русија" досега освои 36,7 насто од гласовите со голема разлика пред комунистите кои досега имаат освоено 12,8 насто, а партијата на Жириновски 12. Подеднакво како "Единствена Русија" и либералите, и четвртата политичка сила во Думата, партијата "Татковина" со освоени 8,9 насто гласови важи за блиска до Кремљ. Демкартски ориентираните партии "Јаблоко" и Унијата на десните сили не ја преминаа границата од 5 насто. "Партијата "Единствена Русија" победи. Победи претседателот", изјави членката на раководството Љубов Слиска. "Тоа значи дека демократските реформи ќе продолжат" изјави таа во Москва. Претседателот на Комунистичката партија Генадиј Зјуганов изборите ги оцени како фарса која нема никаква врска со демократијата. Шефот на московските комунисти Александар Кувајев оцени дека станува збор за изборен фалсификат. Претседателот на државната изборна комисија Александар Вешњаков ги отфрли таквите обвинувања:"Немаме никакви информации за нерегуларности кои би можеле да ги доведат во прашање резултатите од изборите", изјави тој. Поранешниот руски претседател Борис Елцин во меѓувреме, предупреди да не се менува уставот што на Путин ќе му овозможи трет мандат, ако во март идната година повторно биде избран за претседател. "На Русија и треба уставот што го има сега", изјавил Елцин според агнецијата Интерфакс. Тој изразил надеж дека партиите верни на Кремљ нема да бидат толку силни за да излезат од контрола, како во времето на комунизмот.
Германскиот сојузен пратеник од ЦДУ Мелани Освалд го критикуваше недостигот на извештаи пред изборите:"Ваква изборна битка како во Русија е незамислива во Германија" изјави таа за "Фајненшел тајмс Дојчланд". Таа предупреди на можноста од еднопартиски систем во Русија.