1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Повеќе моќ за Европскиот парламент

Бернд Ригерт / Симе Недевски1 јануари 2013

Од 1952 година наваму Европа има сопствен парламент. Долго време европратениците беа исмејувани поради недостатокот на влијаење во процесите на одлучување во ЕУ. Со Лисабонскиот договор тоа драстично се промени.

https://p.dw.com/p/17AMd
Фотографија: picture-alliance/dpa

Со реформскиот договор на ЕУ од 2009 година, Европскиот парламент заедно со Советот на министри и со преставниците на владите на земјите-членки е задолжен за донесување закони во речиси сите области на политиката на ЕУ. Пратениците сега исто така можат да одлучуваат и за богатиот земјоделски буџет. Меѓутоа, Парламентот и понатаму не може да предлага закони. За тоа е надлежна Комисијата на ЕУ, врвната управна инстанца во Брисел.

Задоволни пратеници

Flaggen vor dem Europäischen Parlament Handelsausschuss Symbolbild
Седиштето на ЕП во СтразбурФотографија: Picture-alliance/dpa

Џо Лајнен од германската Социјалдемократска партија (СПД) со години беше претседател на Уставниот комитет на Европскиот парламентот. Тој е многу задоволен со Лисабонскиот договор.

„Европскиот парламент е еден од победниците на реформскиот договор. Ние сме сега на исто ниво со владите и со Советoт на министри, досега најмоќниот орган во ЕУ. Законите од Брисел по правило можат да бидат усвоени само ако парламентот каже „да“, односно ако ги прифатат претставниците на граѓаните на Унијата“, вели Лајнен.

Процедурата за соодлучување, во која Парламентот и Советот на министри се рамноправни во донесувањето на закони, сега е правило. Земјите-членки со тоа имаат помалку можности за менување на законите во сопствена полза.

Националните парламенти со повеќе надлежности

Со Лисабонскиот договор поголеми права не доби само Европскиот парламент, чии преставници директно се избираат од 1979 година наваму, туку добија и националните парламенти на земјите-членки. Тие можат во рок од осум дена да стават вето на законите и исто така да поднесуваат тужби до Европскиот суд на правдата. Тоа досега се нема случено, а и во иднина би требало да се случува само во исклучителни случаи, бидејќи малку е веројатно дека националните парламенти со вето ќе им го завртат грбот на своите влади во Брисел“, смета професорот по државно право Кристоф Мелерс.

И покрај некои подобрувања, професорот Мелерс од Универзитетот Хумболт во Берлин смета дека се’ уште не може да се зборува за вистинска демократија на европско ниво.

„Парламентот полека станува вистински политички орган. Но, ако Лисабонскиот договор се спореди со оригиналниот нацрт-устав на ЕУ, може да се види дека многу работи кои имале демократски вредности изчезнале“. Според професорот Мелерс потенцијалот за демократизација на ЕУ уште долго нема да биде исцрпен. Земјите-членки даваат отпор, бидејќи тие не сакаат дополнително да загубат во влијание, смета Мелерс.

Најпрво пониското ниво

Работата на парламентите треба да биде подобрена и преку тоа што за прв пат е релативно јасно утврдено кое ниво во Европа со што треба да управува. Принципот на супсидијарност, односно „најнапред пониското ниво“, е утврден во текстот на Лисабонскиот договор. Европарламентарецот Џо Лајнен исто така упатува и на новата транспарентност.

Europa-Rede Berlin Martin Schulz
Претседателот на ЕП, Мартин ШулцФотографија: picture-alliance/dpa

„Со овој договор распределба на задачите е построго регулирана од кој било друг европски договор предходно. Ние знаеме што е во ексклузивна надлежност на ЕУ, на пример, царинската политика, трговска политика и монетарната политика. Еден голем блок се состои од поделена одговорност на национално и на европско ниво, а покрај тоа постои и цела низа области во политиката, во кои може да дејствуваат само поединечните земји-членки“.

Меѓутоа поделбата на надлежностите и нивоата на одлучување може да доведе до конфликти. Бидејќи, како да се одреди што треба да биде регулирано на европско, а што на национално ниво? Конечно во некои случаи сепак ќе треба да одлучи Европскиот суд, смета Лајен.

Двојно мнозинство од 2014 година

Новата процедура за гласање за одлуките на Советот на министри ќе биде воведена во 2014 година. Тогаш одлуките ќе можат по правило да бидат донесувани со мнозинство наместо со едногласност, односно консензус како што досега беше случај. Притоа ќе мора да се постигне т.н. двојно мнозинство кое ќе се состои од 55 насто од земјите-членки, кои притоа претставуваат 65 проценти од населението во ЕУ. Блокирањето на одлуките ќе биде потешко, но не и невозможно.

Europäisches Parlament in Brüssel
Седиштето на Европскиот парламент во БриселФотографија: picture-alliance/Daniel Kalker

Влијанието на големите држави со новиот систем малку ќе се зголеми. Досега битките за гласови во Советот на министри беа ретки исклучоци. Претставниците на земјите-членки се трудеа да постигнат консензус. Поголемиот број преговори и онака се случуваат во претходно формирани комисии, заедно со Европската комисија и со Европарламентот, кои не се отворени за јавноста.

Парламентот се зголемува за последен пат

Бројот на пратенички места во Европскиот парламент со Лисабонскиот договор уште еднаш умерено се зголеми за уште 14 пратеници, осносно од 736 на 750. Тоа воедно ќе биде и горна граница, што значи дека со пристапувањето на нови замји-членки нема да се зголемува и бројот на пратениците, како што досега беше случај. Долгорочно тоа ќе значи дека Германија, на пример, ќе треба да отстапи неколку од своите 99 места во полза на пратениците од новите земји-членки, како што е Хрватска.