1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Iran Wahl

18 јуни 2009

Претседателските избори го променија Иран можеби многу повеќе, отколку што кандидатите на изборите некогаш сонувале.

https://p.dw.com/p/ISpw
Фотографија: AP

Опозицијата во Иран со години дејствуваше зад затворени врати. Во приватната сфера, табуата поставени од страна на имамите беа игнорирани. Отворен судир со популистот Махмуд Ахмадинеџад, во секој случај, имаше во поширокиот круг на Иранците во егзил. Изгледаше како реформаторите во самиот Иран да се без моќ и без заби.

Се чинеше дека Ахмадинеџад, со благослов на имамите, може да си дозволи се` - безмилосно спроведување на шаријата со прогон на припадници на религиозните малцинства, со погубувања, каменувања и камшикувања, со цензура на печатот и забрана за критички настроените весници и со прогон на незгодните новинари. И, конечно, можеше да води нуклeарна политика, која земјата се` повеќе ја туркаше во меѓународна изолација.

Неправилностите при изборите беа само капката што ја прелеа чашата. Очигледно многу Иранци навистина веруваа дека можат да се определат за умерениот реформски курс, кој би го спроведувал Мусави како претседател. Сега незадоволството од очигледните манипулации на изборите се празни преку масовни протести, кои го разнишуваат режимот.

Иран има клучна улога во регионот

Иран и неговиот претседател Ахмадинеџад, во последните години беа тема со која меѓународната дипломатија интензивно се занимаваше, и тоа не само поради спорната нуклеарна политика. Земјата има клучна улога во регионот. Иран е важен фактор за стабилизирање на соседен Ирак. Како директен сосед на Авганистан, Иран е неизбежен фактор за смирување на таа земја. Иран игра и една од клучните улоги при решавањето на палестинскиот проблем. И конечно, ако земјата западне во хаос, тоа може да предизвика големи турбуленции на меѓународниот пазар на нафта.

Iran Wahl Blume Mann Protest
Чашата е прелеана - како натаму?Фотографија: Mehr

Сето тоа ја прави ситуацијата во Иран опасна. Многумина би се радувале тајно, или дури и отворено, доколку неправедниот режим на популистот Ахмадинеџад биде сериозно ставен в ќош. Но, неизвеснота од тоа што би следувало потоа, сепак е причина за воздржани реакции на меѓународната заедница. Брисел и Вашингтон изразија загриженост, иранските амбасадори беа повикани на разговори. Активна политика во ситуација која значи пресврт изгледа поинаку!

Ништо нема да биде како што беше

Ќе има ли нова иранска револуција? Дали земјата ќе потоне во граѓанска војна? Дали реформаторите, под раководство на Мусави, преку нови избори, сепак ќе дојдат на власт? Дали тоа на масите кои протестираат ќе им биде доволно, или на луѓето им е преку глава од имамите? Во моментов во Иран има повеќе отворени прашања, отколку одговори. Непресметливиот претседател и конзервативните сили кои стојат зад него овојпат ја затегнаа состојбата повеќе отколку што треба - со непредвидливи последици.

Само едно е јасно - во Иран ништо веќе нема да биде како што беше. Изборите ја променија земјата, можеби многу повеќе, отколку што кандидатите на изборите некогаш сонувале.


Автор на коментарот: Сибиле Голте

Превод: Елизабета Милошевска Фиданоска

Редактор: Александра Трајковска

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема