1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Повик до народот да го поддржи режимот

БГ/ап/бета10 декември 2013

Медиумите во Северна Кореја денеска побараа од народот да го поддржи својот лидер Ким Јонг Ун, еден ден откако беше и официјално потврдена информацијата за смената на влијателниот вујко на младиот лидер.

https://p.dw.com/p/1AVwq
Фотографија: Jung Yeon-Je/AFP/Getty Images

Стравувањето во Пјонгјанг е дека смената на Чанг Сонг-Тек, вујкото на младиот лидер Ким Јонг Ун, може да предизвика нестабилност во земјата, прогнозираат аналитичарите. Чанг беше сменет со образложение за извршени „криминални дела“ и предводење на „контрареволуционерна фракција“.

Со веста за неговата смена беа потврдени информациите кои на 3 декември ги објави јужнокорејската разузнувачка служба. Тогаш исто така беше јавено дека биле погубени и двајцата најблиски соработници на Чанг Сонг-Тек, наводно поради корупција.

Според оценките на аналитичарите, смената на Чанг е најголемата промена во севернокорејското раководство откако Ким Јонг Ун го презеде раководењето со земјата по смртта на неговиот татко Ким Јонг- Ил во 2011 година. Севернокорејската агенција КЦНА соопшти дека одлуката била донесена по состанокот на Политбирото на владејачката комунистичка Корејска работничка партија.

„Групата на Чанг Сонг-Тек сторила такви антипартиски контрареволуционерни дела со кои се нагризуваат единството и кохезијата на партијата“, се наведува во севернокорејските државни медиуми.

Државниот весник Родонг Синмун, како и останатите медиуми, денеска (10.12) како прва и најзначајна вест го објавија повикот до народот на единство со предупредување дека Северна Кореја „никогаш не им простува на предавниците“.