1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Повик за масовно гласање без инциденти

31 март 2009

Партиските лидери по денешната лидерска средба во Скопје остро го осудија инцидентот што во саботата (28.03.2009) се случи на централниот плоштад во Скопје. Лидерите ги повикаа граѓаните масовно да излезат на избори.

https://p.dw.com/p/HNaT
Фотографија: PETR STOJANOVSKI

Апел до граѓаните масовно да излезат и да гласаат во вториот круг од локалните и претседателските избори, денеска (31.03.2009), по завршувањето на лидерската средба во Скопје, упатија највисоките претставници на политичките партии.

„Очекувам изборите да бидат успешни најмалку колку во првиот круг од гласањето и државата да има успех со фер, демократски и мирни избори“, порача премиерот Никола Груевски.

Тој по средбата, која ја оцени како успешна, најави дека за престојниот круг на гласањето „институциите ќе бидат целосно подготвени и нема да му биде никому дозволено да направи проблем што ќе и‘ наштети на иднината на државата“.

Апел за излезност на изборите упати и в.д. лидерот на СДСМ Зоран Заев, кој појасни дека на денешната средба тој и претставниците на СДСМ, со докази ги предочиле неправилностите од првиот круг на гласањето, кои очекуваат сега да бидат избегнати.

„Повикуваме сите граѓани да се воздржат од вовлекување во инциденти и апелирам да излезат на овие избори и да гласаат и за градоначалниците и за претседател на државата, бидејќи Република Македонија мора и треба да избере претседател на државата“, додаде Заев.

Како плодна, средбата ја оцени и лидерот на ДУИ, Али Ахмети, кој исто така повика на масовна излезност на граѓаните, но одбегна да одговори на прашањето дали гласачите на ДУИ во вториот круг ќе ги поддржат претставниците на ВМРО.

„Ние сме во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ и таа добро функционира на централно ниво, и ќе ја продлабочиме на локално нив“, рече тој.

На денешната лидерска средба , како што претходно најави, не присуствуваше лидерот на Демократската партија на Албанците, Мендух Тачи.

Mazedonien Wahlen 2009
Фотографија: PETR STOJANOVSKI

Осуда на инцидентот на скопскиот плоштад

Инцидентот лично го осуди премиерот и лидер на ВМРО ДПМНЕ Никола Груевски, кој појасни дека МВР презема максимални мерки за откривање на учесниците во инцидентот, а 23 лица веќе се идентификувани и против нив денеска (31.03.2009) е пуштена пријава до судот.

„Секој што учествувал во немири, во тепачки, ќе има одговорност. Не може, меѓутоа, да понесе одговорност некој што поминал, дошол или повикувал на нешто мирно“, додаде Груевски.

Брзи реакции за саботниот инцидент, очекува и в.д. лидерот на СДСМ Зоран Заев, кој информираше дека се посочени докази за лица, активисти на ВМРО ДПМНЕ, кои биле инволвирани во тепачката.

„Побаравме директна одговорност од партиските активисти што беа вклучени во инцидентот и очекуваме реакција од институциите на системот“, изјави Заев.

СДСМ, засега, не бара оставка од министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска, бидејќи ќе се чека разрешница на случајот.

Автор: ЕМФ / Макфакс

Редактор: Симе Недевски