1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Повлекување од Ирак - услов за пари за воени ангажмани на САД

26 април 2007

Законот усвоен со гласовите на демократското мнозинство. Претседателот Џорџ Буш веќе најави дека ќе стави вето и нема да го потпише законот

https://p.dw.com/p/AbxX
Ненси Пелоси и Џорџ Буш
Ненси Пелоси и Џорџ БушФотографија: AP

Претставничкиот дом на американскиот Конгрес со мнозинството на демократите го усвои законот со кој одобрувањето на 124,2 милијарди долари за американски воени ангажмани во странство се поврзува со повлекување на трупите од Ирак. Со законот се бара од 1-ви октомври годинава да започне повлекувањето на американските војници во Ирак и тоа да заврши до крајот на март наредната година.

“Нашите трупи се вплеткани во една граѓанска војна во која нема јасен непријател и нема јасна стратегија која би водела кон успех” – рече претседателот на фракцијата на демократите Стини Хаер. “Буш не сака да ја види реалноста”, нагласи претседателот на Претставничкиот дом Ненси Пелоси. Републиканците, пак, за денот на изгласувањето на законот зборуваа како за “датум на капитулација”

За законот гласаа 218 конгресмени, меѓу нив и двајца Републиканци. Против беа 208, вклучително и 13-мина од демократите. За законот денеска ќе се изјасни и Сенатот.

Претседателот Џорџ Буш уште порано најави дека ќе стави вето врз законот, доколку во него се бара повлекување на трупите од Ирак: “Сега, кога демократските водачи инсистираат да го користат буџетот за правење политички поени, ми оставаат само една опција. Ќе ставам вето врз тоа”. Буш во законот гледа слабеење на борбените ангажмани во Ирак, предност за непријателот и поголема опасност за сопствените војници. Потпретседателот Дик Чејни им префрли на демократите дури и дека играат на пораз на САД во Ирак за дома да добијат гласови на избирачите.

Доколку претседателот не го потпише законот, тогаш тој може да стапи на сила ако го подржат две третини од пратениците, што не е веројатно. Во тој случај, ќе дојде до нови преговори меѓу владата и Конгресот.