1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Повлечени обвиненијата против рударите во Јужна Африка

БГ/бета3 септември 2012

По жестоките реакции во јавноста, јавното обвинителство во Јужна Африка ги повлече обвиненијата против рударите кои беа обвинети за убиство на свои колеги.

https://p.dw.com/p/162RF
Фотографија: Reuters

Јавната обвинителка на Јужна Африка соопшти дека ќе ги повлече обвиненијата против 270 рудари за убиство на 34 свои колеги, кои ги загубија животите минатата недела откако полицијата пукаше врз нив. Одлуката на обвинителството да ги гони за убиство рударите предизвика остри реакции од политичките партии, синдикатите и невладиниот сектор во Јужна Африка.

Јавната обвинителка Номкобо Џиба по низата критики најави дека ќе ги повлече кривичните пријави за убиство и обид за убиство против рударите, но не објасни зошто ја сменила одлуката. Рударите треба да бидат пуштени од притвор.

Останатите обвиненија, меѓу нив и за јавно насилство, незаконско собирање и поседување оружје ќе останат, но тие случаи ќе бидат одложени до завршувањето на истрагата.

Околу три илјади рудари од рудник во близина на Јоханесбург почнаа протести минатиот месец, барајќи повисоки плати. Протестите кулминираа на 16 август кога во судир со полицијата загинаа 34 рудари, а 78 беа повредени.

Полицијата соопшти дека делувала во самоодбрана бидејќи голем дел од рударите биле вооружени со мачети и копја.