1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Повлечи-потегни околу преговорите за иранската атомска програма

СН/АТ/ртр/миа/мф/дпа9 април 2012

Иран уште еднаш порача да не му се поставуваат услови пред новата рунда преговори за неговата спорна атомска програма, која по се’ изгледа ќе се оддржи на 14. април во Истанбул.

https://p.dw.com/p/14ZqX
Фотографија: AP

Новата рунда преговори меѓу шесте светски сили и Иран околу спорната нуклеарна програма на Техеран ќе се одржат кон крајот на оваа недела во Истанбул, потврдено е во седиштето на ЕУ.

„Се договоривме преговорите да се одржат на 14 април во Истанбул“, изјави портпаролот на високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Кетрин Ештон.

Во ЕУ изразуваат надеж дека за време на преговорите меѓу петте постојани членки на Советот за безбедност на ОН (САД, Франција, Русија, Кина , Велика Британија) и Германија од една и Иран од другастрана ќе се создадат услови за конкретен напредок во решавањето на повеќегодишниот спор.

Иран негодува

Иранскиот министер за надворешни работи Али Акбар Салехи денеска уште еднаш нагласи дека Техеран нема да се согласи светските сили да му поставуваат предуслови во пресрет на состанокот во Истанбул.

„ Поставувањето предуслови пред состанокот значи одредување на неговите заклучоци и нема да прифатиме услови кои се поставуваат пред разговорите“, изјави министерот Салехи.

Inspektion von Atomfabrik Ghom noch im Oktober
Сателитска фотографија од иранската атомска постројка што се наоѓа под планина во градот Ком.Фотографија: picture-alliance/dpa

Ова претставува директна реакција на информациите кои доаѓаат од САД во кои се тврди декаќе биде побарано од Техеран да го суспендира збогатувањето на ураниум и да затвори една постројка што се наоѓа под планина во градот Ком.

Салехи истакна дека делегацијата на неговата земја ќе ги игнорира овие извештаи и дека ќе ги брани своите позиции во разговорите со водечките земји од светот, кои треба да се одржат на 14 април во Истанбул.

Двете страни во последен момент постигнаа согласност преговорите да се одржат во Истанбул, иакоТехеран предлагаше тоа да биде во Багдад или некое место во Кина, во знак на протест поради тоа што Турција го осуди претседателот Башар ал Асад на неодамнешната конференција „Пријатели на Сирија“. Иран го поддржува режимот во Дамаск, кој е еден од неговите главни сојузницина Блискиот Исток.

Западот го обвинува Иран дека под плаштот на мирнодопската атомска програма тајно развива нуклеарно оружје. Иран пак, тврди дека негова единствена цел е производството на електрична енергија и медицински изотопи.