1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Повредени пратенички, старец и фоторепортерка

Александар Методијев/макфакс/миа24 декември 2012

Тензиите пред македонското Собрание растат. Дел од демонстрантите со јајца и портокали се обидоа да го нападнат пратеникот Амди Бајрам, во моментот кога се обидувал да влезе во зградата. Повредена е фоторепортерка.

https://p.dw.com/p/178SY
Фотографија: MIA

Пратеничките Весна Бендевска и Билјана Казанџиска се повредени во турканицата што настана во собраниската сала, откако пратениците од опозицијата не дозволија старт на пленарната седница. Откако тие ја запоседнaа салата, обезбедувањето ги отвори вратите од неа, по што настана турканица меѓу пратениците, јави репортерот на Макфакс.

Proteste in Skopje Mazedonien
Запалено е и едно партиско знаме одземено од активист на СДСМФотографија: MIA

Опозицијата ја запоседна собраниската говорница и ја покри со македонското државно знаме. Надвор, на улиците пред македонското Собрание во исто време протестираат две групи граѓани – едните со поддршка до опозицијата во нејзината намера да не биден донесен буџетот за следната година и „да запрат манипулациите од владата“, а другата група искажува поддршка до Владата и за нејзината намера буџетот да биде изгласан во најбрз можен рок.

Полицијата спречи физичка пресметка меѓу поддржувачите на Владата и еден постар човек, симпатизер на опозицијата, кој се нашол меѓу контра-демонстрантите. Полицијата се вмешала за да ја прекине вербалната расправија. Двете групи меѓусебно фрлаат со пластични шишиња и камења. Седумдесетгодишен човек е повреден со камен во главата и е пренесен во Градската болница „Св. Наум Охридски“. Контрадемонстрантите запалиле и знаме на СДСМ одземено од припадник на таа партија.

Proteste in Skopje Mazedonien
Пред Собранието протестираат две групиФотографија: MIA

Инцидент е регистриран и кога пратеникот Амди Бајрам се обидел да се пробие меѓу народот. Демонстрантите го исвиркале и фрлале кон него со јајца и портокали.

„Умрете, умрете! Бранко ќе го закопаме“, извикувал пратеникот Бајрам, пренесува агенцијата Макфакс.

Двете групи се оддалечени една од друга со тампон зона од околу пет метри, а полицијата се обидува да спречи судир меѓу двете групи. Портпаролот на МВР Иво Котевски изјави дека протестот на опозицијата не бил најавен во законски предвидените 48 часа пред одржувањето.

„Тоа не го испочитува лидерот на опозицијата Бранко Црвенковски кога вчера наеднаш одлучи да излезе со неговите поддржувачи на протест за да исценира инциденти“, додаде Котевски.

Црвенковски рече дека ќе остане пред Собранието до крај, без да прецизира на што конкретно мисли
Фотографија: MIA

Меѓу демонстрантите пред Собранието освен лидерот на СДСМ е и целото партиско раководство, како и лидерите на партиите од опозицискиот сојуз. Тој денеска порача дека пред Собранието ќе остане „се’ до крај“. Црвенковски го обвини Груевски дека постојано го дели народот на верници и неверници, на антички Македонци и Словени, транзиционери и реформатори и го провоцира народот еден против друг, исто како и поранешниот српски претседател Слободан Милошевиќ.

Потпретседателот на партијата Зоран Заев информираше дека приврзаниците на СДСМ од Струмица и другите градови во внатрешноста биле блокирани на патот кон Скопје, но оти притоа немало инциденти.

Приврзаниците на СДСМ на демонстрациите извикуваат: „Каде ви е пастирот“, а противниците имаат транспаренти со: „Отпор против Бранко“ и „Бранко готов си“.